Судија по претходна постапка во Основниот суд во Штип донесе мерка притвор во траење од 8 дена за двајцата насилници на возраст од 23 и 26 години, кои се снимаа како тепаат девојка во влез од стамбена зграда. Двајцата насилници веќе се во кумановскиот затвор.
„Осомничените во текот на јануари 2020 година, заедно извршиле грубо насилство над оштетената, на начин што отишле во куќата каде престојувала и започнале да ја навредуваат и удираат со тупаници и шлаканици во пределот на лицето и главата. Потоа со влечење ја однеле во влез на станбена зграда каде продолжиле со вршење на насилството“, се вели во известувањето од обвинителството.
Со оглед на фактот што за вакви делата предвидено е судскиот процес да се води по скратена постапка, притворот не може да трае повеќе од 8 дена. Казната предвидена за вакви дела се движи од парична казна, па се до 5 години затвор.
Инаку, на снимката која вчера експресно се рашири по социјалните мрежи, се гледа како двајцата насилници со клоци, шамари и тупаници ја тепаат девојката, притоа прашувајќи ја да каже дали е бремена од нив.
Девојката која е жртва во случајов веќе е контактирана и доби поддршка од Центарот за социјални работи и Мултисекторскиот тим за борба против насилство.