Заедно со комуналните претпријатија и ТТПЕ од нашиот град, во изминатите два дена извршивме дезинфекција на сите улици во градот, на јавните површини, плоштадите, парковите и на повеќе државни институции. Притоа сакам да ја потенцирам помошта која ја имавме од граѓаните од нашиот град, а пред се помошта на 30-тина граѓани од градот и населените места кои со своите трактори се вклучија во акцијата и ни помогнаа да ги дезинфицираме потесните улици, каде цистерните на јавните комунални претпријатија не можеа да имаат пристап. Истакна на денешната прес конференција градоначалникот Илија Јованоски.
„Од утре сите аптеки ќе работат како и досега во нашиот град, освен една дежурна аптека која ќе биде од утре после 16 часот до понеделник до 05 часот, а тоа ќе биде аптеката Каракаш, која ќе биде дежурна и која ќе биде на повик на докторите на итната медицинска помош и на матичните лекари од нашиот град. За времето на полицискиот час ќе работат и други компании и фирми, кои за своето работење обезбедиле дозвола од Министерството за информатичко општество и адмнинистрација.
Сакам да напоменам, дека за време на работните денови од понеделник до петок, волонтерската служба на Општина Прилеп врши логистичка поддршка на стари и изнемоштени лица и самохрани родители, хронично болни лица, семејства со лица со попреченост, и други граѓани од социјално ранливи категории. Помошта која волонтерите ја даваат се состои во набавка на прехрамбени производи, средства за лична хигиена, лекови, медицински реквизити, извршување на потребни шалтерски услуги, подмирување на режимски сметки, подигнување на лекарски рецепти. Сите сметки и други трошоци за набавка и производи и лекови граѓаните сами ги плаќаат, додека волонтерите на Општина Прилеп само вршат нивна набавка и достава. Во оваа прилика сакам уште еднаш да ги повторам телефонските броеви на кои граѓаните можат да ги побараат нашите волонтери: 048 401 700 и 0800 00 210“, истакна Јованоски.
Јованоски повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат сите мерки ии препораки.
„На крај сакам да упатам апел до сите наши граѓани од општина Прилеп. Од утре почнува продолжено време каде не можеме да се движиме слободно во градот во наредните 61 час, после 16 часот. Ги замолувам сите оние кои што имаат дозвола за движење да ги користат своите дозволи во вистинско време и само во оној временски период кога имаат потреба за тоа. Да не се злоупотребуваат, затоа што има голем број на граѓани, голем број на стопански субјекти кои ги користат овие дозволи и имаат потреба за време на оваа 24 часовна забрана за движење во денот, да мора да излезат, да завршат неопходни работи, или пак да одат на работа и да се враќаат од своето работно место.
Исто така сакам да упатам апел за утрешниот ден, бидејќи граѓаните ќе пазарат за наредниот викенд, да не се прават нереди и гужви пред маркетите и пиљарите, како пред неколку дена што се случуваше во и пред банките“, додаде Јованоски.