Мицкоски негативен на Ковид 19, резултатот за Заев во 16 часот, Владата чека насоки од Филипче дали ќе се тестира, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ превземаат превентивни мерки

По информацијата дека главниот и одговорен уредник на Канал 5 Телевизија е позитивен на корона вирусот, Заев и Мицкоски направија тестови по што се уврди дека претседателот на ВМРО ДПМНЕ е негативен на Ковид 19, а за поранешниот премиер се уште се чекаат резултатите. Двајцата направија тестови бидејќи минатата недела поединечно гостуваа во емисијата „Само интервју“ со уредникот на телевизијата.

 

До овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција. Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место“, напиша на социјалните мрежи претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

 

Лидерот на СДСМ е во родниот град Струмица, но засега вели дека нема симптоми на вирусот.

 

„Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот“, информираше преку фејсбук Зоран Заев.

 

Од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ велат дека преземаат превентивни мерки за сите лица кои биле во контакт со двајцата лидери. Од партијата на Мицкоски посочуваат дека сите сопартијци кои имале близок контакт со нивниот лидер се во самоизолација, а некои од нив направиле и тестови кои се негативни на корона вирусот.

 

„Ние презедовме се да се заштитиме. Во штабот престојуваме со маски и имаме сретства за дезинфекција. На влезот , на пријавницата, на сите што влегуваат им се мери температурата, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Сепак, тие што биле во контакт со лидерот Мицкоски, се подготвуваат за десетдневна изолација, а за другите мерки ќе соопштат во текот на денот. Според информации од партијата Мицкоски за изложеноста на корона вирусот дознал  официјално, по јавувањето од Институтот за јавно здравје синоќа, кога и бил спроведен тестот.

 

Од СДСМ, пак, велат дека од почетокот на епидемијата, во седиштето на партијата се преземаат сите мерки и протоколи пропишани од Министерството за здравство и надлежните институции за заштита и дезинфекција.

 

„Се врши редовна лична дезинфекција, поставени се соодветни средства за оваа намена секаде, се прави редовна дезинфекција на сите простории, се почитува физичката дистанца, како и насоките за носење заштитна опрема, како маска и ракавици, а сите вработени што можат работат од дома. Како што соопштивме, соодветни заштитни мерки беа преземни и за време на интервјуто, а по добиените информации, согласно протоколите, претседателот Зоран Заев е веќе во самоизолација, без симптоми и во добра здравствена состојба и денеска изврши тестирање за присуство на вирусот ковид-19, по што се очекуваат резултатите и следните чекори“, велат од СДСМ.

 

Во меѓувреме, владини членови чекаат насоки од министерот за здравство Венко Филипче дали и за нив е потребно тестирање, бидејќи изминатите денови имале контакт со претседателот на СДСМ Заев.

 

Секако дека сме биле во комуникација со претседаелот на СДСМ. Ако треба да се тестираме го имаме министерот за здравство кој ќе ни каже. Во Владата секако дека на дневно ниво сме во релација и ова на долг рок нема да го издржиме да бегаме еден од друг и во овој период мора да се заштитиме и затоа и кога ги имаме состаноците сите седиме на два метра и сите носиме маски. Ако погледнете целата влада е адаптирна да ја држиме таа дистанца и да ги почитуваме сите препрораки и се што треба да преземеме“, рече Нина Ангеловска, министер за финансии.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи