Веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК) не функционира, а последните резултати пак кои беа објавени предизвикаа низа нелогичности и сомнежи.
Државната изборна комисија денеска соопшти дека се уште се врши прием на материјалите од општинските изборни комисии и рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места (записници бр.16), како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините (записник бр. 21), со цел точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати.
„Во моментот еден по еден записник се внесува во системот на резултатите. И тој систем е така направен што ги дава резултатите и мандатите по изборни единици. Кога ги примавме гласачките ливчиња едно по едно ги гледавме, а сега еден по еден записник се внесува во системот за резултатите. И тој систем е така направен што ги дава резултатите и мандатите по изборни единици“, велат од ДИК.
Неофицијалните конечни резултати ќе бидат соопштени на попладневната седница на Државната изборна комисија. Првичните резултати од гласањето ДИК ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.
Последната симулација на Државната изборна комисија врз основа на 96 отсто преброени гласови, покажа дека 46 мандати одат кај СДСМ, 44 за ВМРО, 15 за ДУИ и 12 за коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива. Според досега обработените податоци Левица има два мандати – еден во првата и еден во третата изборна единица, а еден мандат во шестата изборна единица оди кај ДПА.