Дали правдата е привилегија за граѓаните од маргинализираните заедници?
Овозможувањето на непречен пристап до правда за сите, а особено за граѓаните од маргинализираните заедници, е процес полн со предизвици и пречки дури и во најидеални услови. Дотолку повеќе, сите потешкотии кои на тој пат се јавуваат очекувано е да станат уште поизразени, кога се појавува една целосно непредвидена ситуација која влијае на општествените процеси на светско ниво.
Пандемијата на КОВИД – 19 во голем дел негативно влијаеше и го уназади постигнувањето на еднаков пристап до правда за сите од повеќе причини; загрозувањето на здравјето најтешко ги погодува социјално исклучените категории на граѓани кои потешко можат за себе да овозможат редовна и квалитетна лична хигиена, лекарска грижа и заштитни средства. Лошите услови за домување ја прават социјалната изолација и држењето на препорачаното растојание скоро невозможни. Променетиот начин на работа на институциите и намаленото работно време го отежна остварувањето на правата од социјална заштита и од работен однос, но и од други области кои беа погодени. Дополнително, ненадејното воведување на услуги кои вклучуваат онлајн комуникација беше изненадување и ги начека тотално неподготвени лицата од маргинализираните заедници кои никогаш претходно немале потреба ниту знаат како да пополнуваат онлајн апликации, барања или воопшто да комуницираат на ваков начин.
Иако воведувањето на економските антикризни мерки имаше за цел справување со кризата и намалување на економските последици за граѓаните, сепак истото во неколку наврати, а особено во третиот и четвртиот пакет на мерки резултираше со огромни колони на граѓани пред банките и другите институции, што дополнително доведе до ризик од ширење на пандемијата. Повторно, на удар се најсиромашните и социјално исклучените.
Во доменот на земјоделието, исто така се забележа криза. Откупот на суровиот тутун во лист од реколтата 2020, започна многу лошо за граѓаните-производители, по ниски цени, со сортирање во трета и четврта класа за висококвалитетен тутутн, што е погубно за граѓаните на општините Прилеп, Крвогаштани и Долнени, кои во најголем дел живеат или добиваат дел од приходите токму од производството на тутун. Ова резултираше со масовни протести, повторно во време на пандемија, и повторно по ризик за здравјето на овие граѓани. И покрај протестите, и ветувањата од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за земјоделие како и приватните откупни компании, откупната цена сеуште е многу под просечната во последните 10тина години, а на граѓаните земјодлеци им се заканува сериозна финансиска криза поради тоа.
Во делот на образованието, воведувањето на хибриден модел на настава заради спречување на ширењето на пандемијата, иако се покажа успешно во поголемите места, за дел од учениците, а особено за оние од маргинализираните заедници, се применува со потешкотии. Дел од учениците сеуште немаат непречен пристап до технички помагала за следење на онлајн настава, а и ако имаат условите во кои живеат им го прават ваквиот процес сериозно тежок и предизвикувачки. Во помалите места од руралните средини пак, каде се дозволи следење на настава со физичко присуство заради малиот број на ученици и можноста да се почитуваат мерките, се истакна проблемот со лошата инфраструктура, немањето задоволителни хигиенски услови и средства, што сериозно го отежнува почитувањето на превентивните заштитни мерки.
Јавното здравство на кое во најголем дел се потпираат граѓаните од маргинализираните заедници, бидејќи приватното не можат финансиски да си го дзволат, најсилно ги истакна сите свои маани и недостатоци кои се таложеле низ годините, а кои сега се срушија врз грбот на најранливите. Недостатокот на соодветна медицинска опрема, недоволниот број на медицински кадри, партиските вработувања во овој сектор кои традиционално се реализираат веќе со години наназад, сето тоа доведе до една критична состојба на јавното здравство од која тешко се излегува на крај и во редовни околности, а дотолку повеќе во вакви вонредни кога има светка пандемија. Сепак, ваквата криза беше и една голема лекција, па се надеваме дека мерките за подобрување на условите во овој сектор ќе продожат да се применуваат и по завршување на кризата.
Што може една локална организација да направи по ова прашање?
Колку што пандемијата и сите последици произлезени од неа ги поместија од корен процесите на унапредување на пристапот до правда за маргинализираните, толку работата на grass-root ниво се покажа клучна и од критично значење за амортизирање на ударот и намалување на штетите. Нашата организација во најкритичните моменти остана блиску до заедниците и беше првата инстанца кон која граѓаните се обраќаа за помош за остварување на основните права кои претрпеа сериозни повреди во изминатиот период.
Услугата Повикај итна параправна помош, замислена како овозможување на онлајн и телефонска линија за правна помош и асистенција во остварувањето на правата, иако првично развиена заради поголем опфат со услугата и заштеда на ресурси, се покажа како исклучителен и визионерски метод на работа, во овој период на задолжителна социјална дистанца. Потврда за тоа колку значаен и прогресивен е овој метод и колку има потенцијал да продонесе во правното зајакнување на заедниците е и наградата од НАМАТИ која беше доделена на СТАНИЦА П.Е.Т. за дополнително унапредување на оваа услуга.
Параправната помош која започна да се имплементира од јули, 2020 сериозно придонесе во унапредувањето на пристапот до правда за сите граѓани, а особено за оние од ромската заедница и руралните средини во рамки на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Параправниците се блиску и достапни за заедниците бидејќи и самите се дел од нив, а истовремено се обучени брзо и ефективно да им помогнат на граѓаните и да ги упатат на вистинските места за остварување на нивните права. Особено во време на криза, овие лица се првата инстанца каде граѓаните се обраќаат и бараат помош, бидејќи пандемијата освен здравствена исто така прересна и во криза на пристапот до правда.
Здружение СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп