ЛАГ АГРО ЛИДЕР во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество ИНКЛУЗИВА, денес на ZOOM платфрмата, организираа отворена презентација и дебата околу дигиталните алатки за комуникација со лица со попреченост водена од г-ѓа Благица Димитровска, Претседател на ИНКЛУЗИВА.
Работилницата „Дигитални алатки за комуникација со лица со попреченост“, мошне детално ја засегна и објасни потребата од прилагодливи веб-страници за лицата со попреченост и различни видови на инвалидност, притоа претставувајќи веќе успешно имплементирани решенија на неколку локални самоуправи, покажувајќи дека процесот е возможен, а користа за засегнатите страни огромна.
Секојдневно сме сведоци дека информатичката и комуникациска технологија има моќ и потенцијал да го подобри нашето секојдневно живеење од многу аспекти, и тука подобрувањето на пристапот за лицата со попреченост не е исклучок. Не смееме да занемариме дека лицата со попреченост имаат многу различни потреби за пристапност (звук, вид, слух, анимација и сл.) и дека современата технологијата веќе има можности да го направи виртуелното корисничкото искуство задоволително и достапно за сите.
Во 2011 година, Собранието на Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на Обединети Нации за правата на лицата со попреченост чија цел е унапредувањето, заштитата и обезбедувањето на целосното и еднакво уживањето на сите човекови права и основни слободи на лицата со инвалидност, како и унапредување на почитувањето на нивното вродено достоинство. Согласно тоа, Македонија има обврска да ги спроведува одредбите од Конвенцијата, односно Член 9 кој гласи:
„Со цел да им се овозможи на лицата со попреченост да живеат независно и во целост да учествуваат во сите аспекти на животот, земјите учеснички преземаат соодветни мерки за да им обезбедат на лицата со попреченост пристап, на еднаква основа со другите, до просторната околина, транспорт, информации и комуникации, вклучувајќи и до информатичките и комуникациските технологии и системи, како и до други капацитети и услуги отворени или обезбедени за јавноста, во урбаните и во руралните области”.
Правото на пристап до информации во РМ е регулирано со Уставот (член 16) и сродни законски одредби. Имено, со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, имателите на информации за својата работа се должни да овозможат информираност на јавноста. Согласно Законот за локалната самоуправа во РМ секоја општина е должна на граѓаните да им овозможи пристап кон основните информации за услугите што им ги обезбедува. Во рамки на Национална стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност 2010-2018, државата е обврзана да обезбеди пристап до информациите и комуникациите за сите лица со попореченост, како и да развие механизми за достапност до информации и комуникации на овие лица.
Сепак, и покрај загарантираното право на пристап до информации, лицата со попреченост секојдневно се соочуваат со различни бариери во вид на пристапност и достапност до информации од јавен карактер во локалните заедници
Здружението за промоција и развој на инклузивно општество ИНКЛУЗИВА во 2017та година го спроведе проектот “Достапни јавни информации за лица со попреченост” со цел на лицата со попреченост да им се овозможи да го практикуваат загарантираното право на пристап до информации од јавен карактер во локалната заедница, преку пристапни и достапни веб-страници на општините во Северо-источниот дел на Македонија. Искуството од спроведениот проект ја потврдува потребата од имплементирање на овој процес на ниво на целта држава, а постигнатите резултатите може уште повеќе да се подобрат со соодветна обука на лица од Општините, институциите под нивна надлежност, и секако не смее да се заобиколат телата на невладиниот и образовниот сектор.
Содржината која се објавува на веб-страните треба да е на лесно разбирлив јазик, соодветно придружена со сликовит приказ. Препорачливо е користење на визуелен приказ на содржината, конкретно користењето на видеа кои треба да се придружени или со интерпретација на знаковен јазик или со текстуална транскрипција.
Оценката за пристапноста на интернет често се фокусира на усогласеноста со стандардите за пристапност развиени од страна на Web Accedability Initiative (WAI- https://www.w3.org/WAI/). Оваа инцијатива има развиено Упатствата за пристапност на веб-содржини Web Content Accessible Guidelines (WCAG). Упатства за пристап на веб содржини (WCAG) 2.1 за информатичка и комуникациска технологија (ИКТ) се инкорпорирани во Европскиот стандард EN 301 549 “Услови за пристапност за ИКТ производи и услуги” и вклучуваат веб содржина, електронски документи и сл.
Со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, општините за својата работа се должни да овозможат информираност на јавноста. Согласно Законот за локалната самоуправа во РМ секоја општина е должна на граѓаните да им овозможи пристап кон основните информации за услугите што им ги обезбедува. Заедно да обезбедиме пристапни и достапни јавни информации и услуги, и да дадеме придонес за инклузивно општество!