Родовата еднаквост – фундаментално право, клучно за одржлива иднинa и ставање крај на дискриминацијата

 

Сите човечки суштества се родени слободни и еднакви по достоинство и човекови права (Декларација за човекови права на Обединетите Нации). Родовата еднаквост е фундаментално право, а неопходноста да се ​​стави крај на секоја дискриминација врз жените и девојчињата не е само основно човеково право, туку е клучно за одржлива иднина.

Претставник на Локалната Акциона Група АГРО ЛИДЕР беше дел од настанот „Родова еднаквост – предизвици и одговори” организиран во рамките на програмата Mission Better Tomorrow на Индија.

На настанот свое излагање имаше Dr. Yasmin Ali Haque – UNICEF претставник на Индија, личност чие име е познато насекаде во светот по значајни позитивни достигнувања во полето на родова еднаквост, заштита на деца и права на жени, кaко и поддршка на лица во конфликтни подрачја.

 

 

И покрај големите пречки кои сè уште не им дозволуваат еднакви права, сепак светот бележи напредок во остварување на родова еднаквост, иако мора да се напомене дека овој напредок е нерамномерен. УНИЦЕФ актвно делува за намалувањето на нееднаквоста, зајакнување на економиите и градење на стабилни, издржливи општества што им даваат на сите индивидуи – вклучително и момчињата и мажите – можност да го исполнат својот потенцијал.

УНИЦЕФ гради партнерства низ глобалната заедница за да се забрза родовата еднаквост. Во сите области на нашата работа, се интегрираат стратегии кои се однесуваат на специфичната родова дискриминација и недостатоците. Свесни сме дека во Индија дискриминацијата и ограничувањата се доста распостранети, но треба да признаеме дека се остварени значајни достигнувања – се повеќе девојчиња завршуваат примарно и секундарно образование, се намалува бројот на малолетнички бракови. Забележан е раст на писменост кај женската популација, и пораст на вработувањето на девојки и жени. Се преземаат иницијативи и мерки за совладување на социо-културните бариери, намалување на јазот во платите помеѓу мажите и жените,  зголемување на учеството на жените во политиката, и ставање крај на насилството врз жените. Постигнати се значајни резултати во промовирање на женското претприемништво, и економско јакнење на жените преку овозможување на нивно активно учество во градење на заедницата.

 

 

Меѓутоа, додека некои земји се искачуваат на повисоко ниво од аспект на родовата еднаквост, други земји се уште бележат низок степен на родова еднаквост. Загрижувачки се состојбите во конфликтните региони како Јужен Судан, Бангладеш и др. каде каде законите не важат и родовото насилство се користи и како оружје во конфликтот.

Овој глобален настан со над 1.000 учесници од различни места во светот, уште еднаш покажа дека без разлика колку географски сме оддалечени, предизвиците со кои се соочуваме во нашето секојдневие се слични.

Направени се значајни чекори, но сепак пред нас има уште долг пат за да достигнеме родова еднаквост, а тоа значи да обезбедиме подобар живот за секое човечко битие,мир, просперитет и одржлив свет.

 

Автор: Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи