Одбележани 250 години од раѓањето на македонскиот учител и преродбеник Кирил Пејчиновиќ во Лешочкиот манастир

Facebook
Twitter
Email
Print

 

 

Денес, во Лешочкиот манастир беа одбележани 250 години од раѓањето и 176 години од упокојувањето на македонскиот учител и преродбеник Кирил Пејчиновиќ-Тетоец.

Кирил Пејчиновиќ е роден во село Теарце, Тетовско, а учел црковно училиште во манастирот Св. Пречиста Кичевска и Хиландар на Света Гора. Целото семејство било верски настроено, па татко му и чичко му го продале имотот во Теарце и заедно со Кирил отишле во Хиландар каде се закалуѓериле. Тие останале таму, а Кирил се вратил и работел во Марковиот манастир, близу Скопје. Тука го обновил оштетениот манастир и собирал стари текстови со што ја збогатил манастирската библиотека.

Во Марковиот манастир Пејчиновиќ живеел дваесетина години. Отворил манастирско училиште и се истакнал како активен проповедник и просветител на населението. Тука ја напишал својата прва книга „Огледало“, печатена во Будим 1816 година.

Во 1818 година дошол во родниот крај, во селото Лешок и го обновил манастирот Св. Атанасија. Во манастирските конаци отворил училиште, каде поучувал и млади и стари. И тука ја збогатил и уредил библиотеката.

Во слободните часови пишувал. Освен „Огледало“, тој ги напишал и делата: „Утешение грешним“, „Житие кнеза Лазара“, како и „Епитафот“ кој е врежан на неговата надгробна плоча.

Починал 1845 година и е погребан во дворот на Лешочкиот манастир (Св. Атанасија).

Творештвото на Пејчиновиќ

„Огледало“ е требник, прирачна книга за свештениците која ја користеле при вршењето на црковните обреди. Содржи неколку молитви и прозни текстови за различни обреди и една голома проповед – „Слово за празниците“. Молитвите и црковните текстови се напишани на црковнословенски јазик, а „Словото“ на народен јазик – тетовски говор.

„Утешение грешним“ – содржински е продолжение на „Огледало“. Немал средства да ја отпечати, но на крај своите заштедени пари ги дал за обнова на печатницата на Теодосиј Синаитски во Солун, каде 1840 година е отпечатена книгата , а Синаитски напишал пригоден „Предговор“.

„Житие кнеза Лазара“ е книшка за животот на кнезот Лазар, кој го сметал за оснивач на Лешочкиот манастир.

„Епитаф“ – е последно негово дело, но и прв обид да се изрази во стихови. „Епитафот“ нема уметничка вредност, но тоа е првата песничка напишана на македонски народен јазик.

Починал 1845 година и е погребан во дворот на Лешочкиот манастир (Св. Атанасија).

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи