Тоа што не нема во медиумите често, не значи дека не работиме. Ние одиме на работа и редовно ја следиме ситуацијата и тука и во околните земји, во Европа и во светот, рече денеска претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, кој денеска по подолго време одговараше на новинарски прашања.
„Причините зошто не се појавувам често на медиумите е дека не сакам да станам како турска серија и да избегнеме постојано да се поставуваат исти прашања со исти одговори. Јас секогаш кога има потреба, како што денеска ме повика министерот за здравство, можам да доаѓам на прес-конференции“, рече Караџовски.
На прашањето дали се потребни поголеми рестрикции кај нас, Караџовски рече дека засега такво нешто не е потребно тука.
„Ние ја следиме состојбата на дневна основа, во однос на бројот на заразени, состојбата во болниците, расположивиот медицински кадар… Состојбата сега не е иста како во ноемеври лани, кога имавме 1 450 заразени дневно, немавме ни 600 болнички кревети ни медицински персонал на располагање како сега, тогаш правевме максимум 3 500 теста, сега 4 000… Јас имам во главата и сценарио А, Б и Ц, но тоа засега не е потребно“, рече Караџовски.