Заев ги соопшти деталите за договореното од средбата со Мицкоски

 

Премиерот Зоран Заев истакна дека е многу задоволен од исходот на денешната средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

„Ќе покажеме разбирање за сите барања на опозицијата кои се разумни и рацинални, како што тоа го направивме денеска“, изјави Заев.

Заев потврди дека пописот се одложува за септември. Деталите се дека, наместо 21 ден, пописот ќе трае 25 дена (од петти до триесетти септември) поради почетокот на масовната имунизација в среда. Во меѓувреме, ќе тече самопопишувањето на дијаспората, односно македонските државјани во странство ќе може да се попишуваат до крајот на септември, со оглед на тоа што овој процес е веќе почнат.

За одложувањето на пописот, појасни Заев, ќе треба да се направат измени на Законот за попис, за што очекува поддршка од сите партии.

Поради пописот, се пролонгираат и локалните избори, па наместо во првата половина на октомври, ќе се одржат на крајот на октомври. Во однос на изборната регулатива, на средбата се разговарало за: набавката на опремата за идентификација на гласачите со отпечаток од прст, за што, како што рече, утре утре ќе почне постапката за измени во Изборниот законик во Собранието. Втората тема се препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Заев, исто така, рече дека ги охрабруваат работните групи на партиите да ги продолжат разгворите за унапредување на изборната регулатива, така што ќе ги отворат прашањата за избор на градоначалници во еден круг, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, но и за отворени листи за советници, како што предлагаат владејачките партии. Исто така, рече Заев, во однос на парламентарните избори, треба да се разгледа предлогот на СДСМ и на помалите партии за една изборна единица.

Заев очекува да бидат одблокирани закони што се заглавени долго време во парламентот.

„Дури и се согласивме дека имаме стабилно мнозинство, како што се потврди неодамна и во Собранието и дека одговорноста е најголема кај оној кој добил обврска да ја води државата. Многу ми е мило што лидерот на ВМРО–ДПМНЕ покажа доблест за деблокирање на Собранието“, истакна премиерот.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи