Наш гостин во ова интервју за емисијата Инфо Регион е прилепскиот адвокат Жаре Стеваноски кој стана познат по тоа што беше еден од лидерите и предводниците на Шарената револуција во Прилеп. 4 години откако се смени власта на ВМРО-ДПМНЕ, во чија смена секако придонесе Шарена револуција, Стеваноски смета дека граѓаните се разочарани и не се исполниле нивните очекувања. Тој вели дека во Македонија нема систем кој ги задоволува основните функционални потреби за граѓаните. Народот очекувал да се променат многу работи, во кои предводник требало да биде правосудниот систем, кој според Стеваноски потфрлил премногу во спроведувањето на брза, ефикасна и неселективна правда.
Вели дека многу негови соборци заборавиле на идеалите за кои протестирале тогаш по улиците и дека многу од нив сега може да се видат во државни функции. За владеењето на СДСМ вели дека не е ништо премногу поразлично од она на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку Стеваноски сакаше да биде кандидат за градоначалник уште пред 4 години, но СДСМ тогаш го кандидираше Илија Јованоски, сегашниот градоначалник. Стеваноски се кандидираше и за претседател на ОО СДСМ Прилеп, но повторно не беше избран. Сега најавува кандидатура како независен кандидат за градоначалник. Смета дека кај народот конечно е променет менталитет да започне да гласа за личност, а не за партија.