Земјоделците и сопствениците на градини ќе закопаат 2.000 пара бела долна облека низ Швајцарија, како дел од научната студија за квалитетот на почвата.
Државниот институт за истражување Агроскоп ќе им испрати два пара памучни гаќи на волонтерите кои учествуваат во истражувањето, а нивната задача е да ги закопаат во земја во нивната градина или на друго обработливо земјиште во нивна сопственост. Подоцна гаќите ќе бидат ископани и испитани во каква состојба се, што ќе биде показател за степенот до кој малите организми го разложиле текстилот, со што пак ќе се утврди квалитетот на почвата.
Планот за истражување е да ископате еден пар гаќи по еден месец, во присуство на контролни тела и со фотографија, а другиот пар за два месеци. Распаѓањето на природните влакна потоа ќе се анализира со дигитален метод. Колку повеќе дупки се наоѓаат во гаќите, толку е поздрава почвата.