Во манастирот Св. Архангел Михаил се одбележува Голем Петок – Балаклија и болните ќе се излечат


Во манастирот Св. Архангел Михаил во најстарата прилепска населба Варош се одбележува Голем Петок – Балаклија, којшто се одбележува секоја година на првиот петок после Христовото Воскресение.

Празникот уште се нарекува и Излечив Петок бидејќи постои верување кај луѓето дека ако утрово си измијат раце и лице на првиот извор, тоа ќе им донесе ослободување од болестите кои ги имаат.

Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори. Според легендата изворот Балаклија, поврзан со името на Пресвета Богородица, се наоѓал во близината на Цариград и во него имало златни риби.

Според преданието на православната црква на овој ден се празнува обновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Цариград, наречен Живоносен Извор, поради чудотворниот извор со вода што се наоѓа во него. Христијаните си спомнуваат и за многуте чуда што се случиле во тој храм посветен на Богородица. И во манастирот Св. Архангел Михаил се наоѓа извор за кого христијаните веруваат дека има лековита вода.

Денеска е семејна слава на нашите сограѓани од Варош и во оваа прилика сакаме да им го честитаме овој голем празник, да им посакаме среќа, радост, благосостојба и духовен мир, со желби до година да пречекаат голем број гости.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи