Во моментов има уште 5.000 вакцини наменети за граѓани кои треба да ја примат првата доза. Останатите, како што кажа министерот Венко Филипче, се наменети за ревакцинација која се врши во сите пунктови низ земјава.
Оваа недела се очекува да стигнат донации од Бугарија и Грција, со што би имало доволно количини за да продолжи масовната вакцинација, со оглед на тоа дека кинеските на „Синовак“ не се знае кога ќе стасаат.
„Секој понеделник стигнуваат нови количини на „Фајзер“, а неделава очекуваме 50.000 вакцини од Бугарија и 20.000 Грција, кои најверојатно ќе бидат од „АстраЗенека“. Немаме точен датум кога ќе стасаат 500.000 вакцини од „Синовак“ кои беа најавени од производителот за почетокот на јуни“, кажа Филипче на воената вежба „Олучен удар 21“ која се одржува на Криволак.
Досега во земјава вкупно се аплицирани 315.781 вакцини, со прва доза се вакцинирани 234.508 граѓани, а ревакцинирани 81.273. Со последните бројки, барем една доза вакцина има примено 47 % од пријавеното население над 70 години и 41 % од пријавените над 65 години.
Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 431.770 граѓани.