Според податоците на Државниот завод за статистика, изминатата 2020 година бројот на умрените лица е зголемен за 26 % во однос на претходната година и изнесува 25.775 умрени лица.
Над 5.000 лица починале повеќе од 2019 година, што е највисока бројка на морталитет во последните 3 децении.
Најмногу починале во ноември, кога беше и кулминацијата на пандемијата. Ако просечно на месечно ниво во земјава се регистрирале околу 1.600 смртни случаи, во ноември бројката изнесува 3.847. Со тоа, црната статистика во Македонија е далеку над европската, која во кулминацијата во ноември регистрирала пораст на умрените за 40 %.
Според официјалните податоци, како директна последица од ковид-19 починале речиси 11 % од вкупната бројка. Предничат болестите на циркуларниот систем, со 41 % и туморите со 15 % од вкупниот број починати.
Докторите велат дека тоа што за време на пандемијата немаше термини за третирање на другите болести дополнително ги зголеми црните бројки.
Демографот Дончо Герасимовски вели дека што се однесува до морталитетот или бројот на умрените лица, тој во 2020 година е најголем и изнесува 25.755.
„Во 2019 година биле починати 20.466, а во 2010 година – 19.113. Разликата во однос на 2019 година е 5.309, што навистина е голема бројка споредено со која било претходна година. Причината за овој број на починати лица, секако, треба да се бара и во пандемијата, за која ќе можеме да анализираме по објавувањето на податоците за причините за смртноста. Најмногу умрени лица по региони има во Скопскиот, Пелагонискиот, Полошкиот и во Југозападниот. А во однос на општините, најмногу се умрени во: Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Чаир, Гостивар, како и во руралните општини каде што има и помалку население како Вевчани, Зрновци, Лозово Ранковце“, објаснува Герасимовски.