Како чадот од цигарите ги уништува бубрезите?


Пушењето е една од најштетните навики, односно зависности и е застапена кај загрижувачки голем број на луѓе.

Се смета дека чадот од цигарите и сите разчични хемикалии кои ги содржи (над 7000 различни соединенија) негативно влијаат врз речиси секој орган во телото. На овој начин, ризикот од појава на разни заболувања значително и континуирано се зголемува.

Иако, најчесто негативните ефекти и последиците од пушењето ги асоцираме со белите дробови, тоа сериозно влијае и врз здравјето на срцето, мозокот, но и на бубрезите.

Токму поради тоа, во продолжение ќе го погледнеме ефектот, односно штетата што ја предизвикува пушењето на бубрезите.

Како влијае чадот од цигарите врз здравјето на бубрезите?

Уште во 1978 година била спроведена студија која ја покажала поврзаноста меѓу пушењето и заболувањата на бубрезите. Оттогаш, бројни студии го потврдиле и дополнително проучиле штетниот ефект на цигарите.

Постојат повеќе начини на кои тие директно и индиректно, штетно влијаат врз бубрезите, но најчесто се смета дека тоа е поради:

Зголемување на крвниот притисок и пулс;

Намален проток на крв до бубрезите;

Зголемено создавање на ангиотензин II (хормон кој се создава во бубрезите);

Стеснување на крвните садови во бубрезите;

Оштетување на артериолите (разгранувања на артериите);

Појава на артериосклероза (задебелување и стврднување) на артериите во бубрезите;

Влошување и губење на нормалната функција на бубрезите.

Покрај тоа, некои истражувања покажале дека пушењето и неговиот штетен ефект може да ги прогресираат и да го зголемат ризикот за бројни бубрежни заболувања, меѓу кои е и појавата на протеинурија – прекумерни количества протеини во уреата.

Здравствени состојби како дијабет или хипертензија се сметаат за двете главни причини за појава на хронични бубрежни заболувања. Луѓето кои ги имаат ваквите состојби, а дополнително се и пушачи, сериозно го зголемуваат ризикот за хронични бубрежни, како и за низа на останати, сериозни заболувања.

Пушењето штетно влијае и на здравите бубрези

Според едно истражување, мажите кои немаат никакви бубрежни заболувања, но се пушачи, имаат зголемен ризик за нивна појава. Ваквиот ризик дополнително се зголемува за посериозни пушачи. Откажувањето на цигарите е еден од најлесно превентабилните ризик фактори за разни заболувања – срцеви, бубрежни, канцер, мозочен удар и сл.

Некои истражувања покажуваат дека пушачите имаат 4 пати поголем ризик за појава на бубрежни заболувања, отколку непушачите. Тие исто така имаат 2 пати поголеми шанси за појава на канцер на бубрезите, наспроти непушачите. Ваквиот ризик се зголемува со бројот на испушени цигари на ден.

Никогаш не е доцна за откажување, а истото веднаш носи здравствени придобивки

За луѓето кои имаат проблеми со бубрезите, откажувањето на цигарите може да доведе до низа на корисни бенефити:

Моменталните – актуни ефекти од пушењето се повлекуваат;

Се подобрува функцијата на бубрезите кај луѓето кои страдаат од некакво бубрежно заболување, но и од дијабет;

Се намалува ризикот од појава на рак на бубрезите;

Се намалува ризикот и прогресијата на бројни други бубрежни заболувања.

Покрај тоа:

По 20 минути од гасењето на цигарата, вашиот пулс и притисок се враќаат во нормала;

По 12 часа, нивоата на јаглероден моноксид во крвта се нормализираат, овозможувајќи повеќе кислород да се пренесе до виталните органи и срцето;

По 48 часа, храната е повкусна и сетилото за мирис се подобрува;

По 72 часа, дишењето станува полесно и нивото на енергија е зголемено;

По 2-12 недели се подобрува циркулацијата и кожата изгледа подобро и поздраво;

По 1 година, ризикот за појава на инфаркт или мозочен удар е преполовен, а по 4 години непушење, ризикот за мозочен удар е еднаков како и на непушач.

Извор: Доктор Митов

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи