Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски се обрати на стручната дебата во врска со новиот закон за градење, во организација на Друштвото за патишта на Македонија. Во текот на оваа или наредната недела најавениот нов закон за легализација на бесправно изградени објекти ќе биде доставен до Владата и ќе биде прикачен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), најави Бочварски.
Со новиот закон, како што тврди, дополнително е регулирано прашањето за заштитените подрачја, што беше меѓу клучните причини за повлекување на претходното законско решение, ќе нема можност за злоупотреби, ќе се зголеми опфатот на лица со ниски примања кои ќе сакаат да легализираат објекти и нема да бидат опфатени делови од станбени згради.
„Направивме дополнителни консултации со сите сфери во делот на овој закон посебно со Здружението на архитекти, Комората на овластени инженери. Така што ова прашање е доста важно. Целосно го затегаме законот од аспект каков било тип на можни злоупотреби да не се случуваат. Прашањето во делот на заштитените подрачја дополнително го регулиравме и сметам дека ќе биде позитивно прифатено затоа што и претходно намерата не ни била да донесеме закон со којшто ќе се стават во правна рамка објекти во заштитени зони, но денес еве целосно тоа го исклучуваме. И аспектот дали еден граѓанин може да поднесе едно барање за ставање во правна рамка на бесправно изграден објект исто така беше тема на дискусија и ќе биде прифатено“, изјави Бочварски.
Тој повтори дека сакаат да го прошират опфатот на граѓани со ниски примања кои ќе можат своите објекти бесплатно да ги стават во правна рамка.
Стручната јавност смета дека постои можност да се подобри законот во некои негови членови со цел да се направи законско решение кое ќе биде применливо во пракса.
„Како стручна фела оценивме дека постои начин да се подобрат перформанските на овој закон во некои одредени членови со појаснувања и дполнувања и на тој начин да придонесеме и да направиме применлив закон којшто нема да дозволи да се јавуваат недостатоци како претходниот закон“, изјави проф. д-р Горан Мијоски од Градежниот факултет и претседател на Друштвото за патишта.