На вчерашната владина седница биле разгледувани предлози преку видеонадзор и боди-камери да се регулира работата на службениците во ситуации кога е неопходно тие директно преку физички контакт да работат со граѓаните.
Ваквиот предлог за контролирање на работата на службеници е со цел да служи како механизам за превенција од корупција, рекоа од Владата.
„Предлогот за поставување на видео надзор и боди камери не се однесува на целата администрација, туку за службениците коишто вршат контрола, надзор и посебни овластувања особено во процесите коишто не можат да се дигитализираат и вклучуваат неопходно учество на човечкиот фактор“, вели портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
Овој предлог, нагласи Арсовски, во наредниот период детално ќе се истражи и анализира од аспект на негова имплементација, опфатот на службениците, обезбедувањето на сигурноста и приватноста на граѓаните, како и техничките и законските можности.
„Дигиталната трансформација на процесите е врвен приоритет на Владата како клучен механизам за сузбивање на корупцијата и за брзи и ефикасни услуги кон граѓаните за институциите коишто се токму во служба на граѓаните. Работна група веќе работи на подготовка на измените и дополнувањата на потребните закони за дигитална трансформација“, вели Арсовски.
Овој предлог во иднина ќе го определи опфатот на службениците, но ќе води и сметка за сигурноста и приватноста, додека законските решенија со сите измени и дополнувања до крајот на август ќе бидат доставени до Собранието.