Царовска: Предлог-законот за учебници е повторно отворен за сугестии, МОН не отстапува – дигитализацијата е единствен излез


Предлог-законот за учебници кој Владата го повлече од собраниска процедура за да биде на јавна расправа, повторно е отворен за сугестии и предлози откако и претходно беше на ЕНЕР (Електронски регистар за прописи), соопшти денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

„Сега е летен период и ги чекаме експертите. Законот беше достапен на ЕНЕР повеќе од два месеци и сите аргументи беа земени предвид во финалното решение. Сега повторно тој е отворен и граѓаните може да испраќаат коментари, а имаше и претходно мејл-адреса. Очекувам да направиме рунда на дебати од септември, кога сите ќе се вратат од летните одмори и потоа да одлучиме како ќе го пуштиме законот во Собрание, иако ставот на МОН и на Владата е дека не отстапуваме од процесот што е почнат – дигитализацијата која е единствен излез за нашите ученици да станат подобри“, рече Царовска.

Таа додаде дека подготовките за прво и за четврто одделение се речиси готови – има нова концепција и нови наставни програми и материјали за учење што ги подготвува Бирото за развој на образованието.

„Очекувам дека по третата обука на наставниците во август ќе бидеме целосно подготвени и сите предизвици ќе се решаваат во тек. Но, стартуваме поподготвени од која и да е друга наставна програма која се донела во нашата држава. Дигитализацијата во образованието е нужна и не е прашање дали нашата држава сака или не сака, туку мора да фатиме чекор со светот и глобалните процеси. Тоа го покажа и пандемијата – да сме почнале пред десетина години со дигитализацијата, веројатно немаше да имаме цело полугодие на приспособување на образовниот систем во првата година од пандемијата, туку ќе бевме спремни“, рече Царовска.

Министерката за образование и во оваа пригода повтори дека има три сценарија за почеток на новата учебна година, од кои, доколку продолжи стабилната епидемиолошка состојба, приоритетно и за кој е подготвен образовниот систем, е сите ученици да се вратат во училиштата за настава со физичко присуство со соодветни протоколи.

Покрај ова, има уште две сценарија доколку состојбата се влоши – настава на далечина, како во изминатата учебна година, и хибриден модел т.е. неделно ротирање на учениците во две групи за настава во училиштата и онлајн од дома.

Царовска додаде дека согласно бројките и по препорака на Комисијата за заштита од заразни болести ќе се организира наставата, нагласувајќи дека ако сите ги почитуваме протоколите и превентивните мерки и се грижиме за своето и здравјето на најблиските тогаш, рече, можеме да опстанеме и подолг период со полни училишта во наредната учебна година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи