ВИДЕО – Прилепски Водовод ангажира вешти лица да се утврди кој го загадува изворот Леково, ќе има и тужби


Прилепски Водовод со свои сопствени средства ангажирал вешти лица кои треба да утврдат кој рудник за мермер го загадува изворот Леково кој е еден од изворите од кои Прилеп се снабдува со вода за пиење. Инаку на само неполни 100 метри од изворот се наоѓа рудникот на фирмата Марибел. Од Водовод се убедени дека тој е главниот извор на загадувањето, додека од таму се правдаат дека дека загадувањето не било од нив туку можеби од некој од другите рудници во околината затоа што тие при ископот не минирале, а загадувањето се јавувало само при минирање.

„Дополнително ќе направиме напори за да се констатира точно состојбата, ангажираме вешти лица и во зависност од наодот на вештите лица ќе бараме преку тужба од судот да запре некој од концесионерите кој што го загрозува водоснабдувањето, односно ја загрозува каптажата на изворот Леково. Јас сум убеден дека тоа е фирмата „Марибел“, но за да може да настапиме пред институциите на системот потребно ни е мислење и наод од вешти лица“, истакна Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

Иако овие вештачења се работа на државните институции, а не на ЈКП „Водовод и Канализација“, државата засега од неразбирливи причини на сака да преземе буквално ништо.

„Јас очекував Министертсвото за економија попрофесионално да постапи, меѓутоа од записникот за направениот увид на лице место, практично ништо не произлегува, констатираа дека повеќе правни лица вршат експлоатација на рудното богатство, но сите биле во скоро иста близина, што апсолутно не е точно“, додаде Јанески.

Инаку засега водосбдувањето во Прилеп е стабилно иако понекогаш потрошувачката се движи дневно и до 400 литри вода во секунда. Прилеп добива 270 литри во секунда од „Студенчица“, а 35 литри во секунда од старите градски извори, меѓу кои е и изворот Леково. Бунарите засега не се вклучени.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи