Од вчера почна пријавувањето на попишувачите и на инструкторите што ќе го спроведат пописот од 5 до 30 октомври.
Државниот завод за статистика (ДЗС) бара 6.000 попишувачи, при што нивниот вакцинален статус за корона не е критериум, туку само препорака.
„На апликацијата за пријавување има прашање за кандидатите дали се вакцинирани, но критериум за избор е успехот на тестирањето што ќе биде спроведено. На реонските попишувачи и инструктори само ќе им биде препорачано да бидат вакцинирани, со цел процесот да се одвива во безбедни здравствени услови. За нас во овој момент е најважно да обезбедиме доволен број попишувачи. Апелираме до заинтересираните да се пријават на конкурсот и да дадат придонес во оваа најзначајна статистичка операција во општеството. Да се биде учесник во попис е интересно и незаменливо искуство“, велат од ДЗС за „Слободен печат“.
Освен на веб-страницата на ДЗС заинтересираните кандидати можат да се пријават и со апликација со мобилен телефон. Конкурсот трае до 5 август, тестирањето, изборот и објавувањето на конечните листи треба да заврши до 15 август.