На денешната 15 седница на Собранието, Пратениците треба да ја продолжат расправата за Предлог законот за употреба на јазиците поднесен во месец август со европско знаменце од Владата. Седницата беше прекината на 23 септември поради почетокот на кампањата за локалните избори.
Мнозинството пратеници го отфрли предлогот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ предлог-законот за употреба на јазиците да биде симнат од дневниот ред. Пратеникот Илија Димовски побара да се тргне од дневен ред образложувајќи дека овој закон не е во согласност со процедурите и ги повика пратениците да го усвојат неговиот предлог. Предлог-законот за употреба на јазиците беше поддржан од собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Предлог-законот предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик, освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.
Станува збор за примена во комуникацијата, употребата и во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт (Собранието, претседателот и Владата, судството, јавното обвинителство), Уставниот суд, народниот правобранител, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во петокот најави дека собраниската дебата за законот за јазиците би можело да биде прекината само ако дојде предлог за пополнување на испразнетите министерски места во Владата на Арбен Тараваи и Рамиз Мерко кои на локалните избори беа избрани за градоначалници.
Во досегашниот тек од расправата по овој закон и на комисиските расправи и на продолженијата на пленарните седници, опозицијата обвини дека законот е неуставен, со него се кршат процедурите и оти неговата примена ќе доведе до двојазичност на целата држава, а се дискриминираат и помалите етнички заедници. Парламентарното мнозинство, пак, тврди дека законот ќе придонесе за зголемување на соживотот во државата, не го нарушува унитарниот карактер на државата и е во согласност со Уставот.
Како што стои во образложението на Предлог-законот, на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните и неговото писмо на начин утврден со овој закон. Во сите органи на државната власт, централните институции, јавните претпријатија, агенциите, дирекциите, установи и организации, комисии, правни лица што вршат јавни овластувања и други институции покрај македонскиот јазик и неговото писмо службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на РМ. За употребата на јазикот што го зборуваат помалку од 20 проценти од граѓаните во единиците на локалната самоуправа одлучуваат органите на единиците на локалната власт.