МЗ: Во Македонија регистрирани 30-тина случаи на делта сој, сертификат за вакцинација воведен во повеќе земји


Министерството за здравство (МЗ) информира дека во земјава досега се детектирани 30тина случаи со Делта сој кој забрзано се проширува не само кај нас, туку секаде во светот и потенцираат дека сè повеќе земји воведуваат задолжително приложување на вакцинален сертификат за своите граѓани, за непречено користење на јавните места и услуги. Само со масовна имунизација може да спречиме ширење на мутации на Ковид 19.

„Граѓаните мора да покажат висока дисциплина, да се вакцинираат, за да се заштитат самите себе, семејствата, децата, пријателите, колегите на работа. Мерките кои ќе стапат на сила ги најавуваме, ние не сме единствена земја која ќе воведе мерки, многу по рестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот.

Во обид да се зачува јавното здравје и да се стави под контрола рапидното зголемување на бројот на заразени, што претставува ризик од преоптоварување на здравствените системи, сè повеќе земји воведуваат задолжително приложување на вакцинален сертификат за своите граѓани, за непречено користење на јавните места и услуги.

Данска, Австрија и Унгарија беа меѓу првите земји кои во март оваа година воведоа здравствени сертификати, кои во Австрија се сè уште неопходни за посета на ресторани, хотели и спортски центри. Вакви мерки се актуелни и во Португалија и Ирска, додека во Луксембург се построги и вакциналниот сертификат е задолжителен и при влез во маркетите.

Приложувањето на сертификат за вакцинација во затворените угостителски објекти минатиот месец стапи на сила и во соседна Грција, со цел во туристичката сезона да се заштитат домашните работници, но и големиот број странски туристи кои влегуваат во земјата.

Според одлуката на Владата на Италија, пак, за престој во затворени простории, граѓаните е неопходно да приложат документ за вакцинација за примена барем една доза, доказ за имунизација по природен пат, односно прележување на вирусот или негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа.

Вакциналниот сертификат во Италија е задолжителен за наставниците, граѓаните кои користат јавен превоз, за влез во кината, музеите и на спортските настани, но и за гостите во рестораните. Сертификат ќе им биде потребен и на студентите, додека вработените кои нема да приложат доказ за имунизација пет дена последователно, ќе бидат суспендирани од работа и нема да го остварат правото за добивање плата, бидејќи ќе претставуваат ризик за останатите граѓани.

Четвртиот бран на Ковид-19 предизвика пораст на инфекциите и во Франција, каде на сила стапија мерките за задолжителна вакцинација на здравствените работници и приложување на сертификат или негативен ПЦР тест за присуство на јавни места, настани со масовна посетеност и користење јавен превоз. По стапување на мерките, билансот на населението со две примени дози од вакцината изнесува 50 отсто.

Покрај европските, повеќе земји во светски рамки, меѓу кои и САД, воведуваат задолжителна вакцинација за одредени категории на граѓани, но и задолжителен сертификат за имунизација за посета на јавни места, користење на јавните добра и услуги, со цел да го ограничат масовното ширење на вирусот и да го заштитат здравјето на населението.

Министерството за здравство информира, дека за разлика од други земји, каде за одредени категории професии, вакцинацијата кај нив е задолжителна, кај нас истата е прво на избор. Но, ја потенцираме важноста од вакцинација, затоа граѓаните кои досега не се вакцинирале, се двоумат, имаат дилема околу вакцинирањето, да се охрабрат и што побрзо да примат вакцина. Министерството за здравство укажува дека вакцините се безбедни и ефикасни, штитат од компликации на болеста и смртен исход. Само со масовна имунизација може да спречиме ширење на мутации на Ковид 19“, стои во соопштението од МЗ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи