Со настап на бендот Инвиктус и спуштање и засолнување на бајракот на слободата се затвори Манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“.
Овогодинешната програма понуди богата содржина, а градоначалникот на општина Крушево и Претседател на Советот на НКС „Десет дена Крушевска Република“ Томе Христоски изрази задоволство што преку Манифестацијата се промовира културното богатство.
„Драго ми е што понудивме многу содржини во рамки на програмата и тоа е препознаено кај посетителите. Го промовираме изворното наследство на Крушево и Северна Македонија преку содржините во рамки на изминатите 10 дена. Тоа е нашата традиција и култура изразена преку музички групи, изложби, ревии и слично.“, изјави Христоски.
Според проценките на општина Крушево и Манифестацијата забележана е голема посетеност во рамки на изминатите 10 дена, а оваа посетеност се очекува да продолжи до крајот на месец август.