Собранието на Република Македонија денеска напладне треба да гласа за потребата од носење на Предлог – законот за употреба на јазиците, по што тој ќе влезе во втора фаза и пратениците ќе можат да поднесуваат амандмани по текстот.
По изјаснувањето, следува амандманска расправа во Комисијата за европски прашања бидејќи законот има европско знаменце. Расправата во Комисијата може да трае три дена, по што законот се враќа на пленарна седница пред пратениците во Собранието.
Инаку, според предлогот, законот предвидува, покрај македонскиот јазик, кој е службен на целата територија на државата, службен е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Во сите органи на државната власт – централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи, организации, комисии, службен јазик, покрај македонскиот, ќе биде и албанскиот. Истото важи и за единиците на локалната самоуправа.
Доколку претседателот на Собранието е Албанец, пленарната седница ќе може да ја води и на албански јазик. Личните документи и патните исправи на граѓаните по автоматизам ќе бидат издавани на службениот јазик што го зборува граѓанинот. Во судските постапки јавните обвинителства и сите други органи, тела и институции, покрај македонскиот, ќе се применува и албанскиот јазик.
За двојазичните банкноти, амблеми на војската и хартиите од вредност ќе решава Венециската комисија и доколку таа позитивно се произнесе, тие дополнително ќе бидат вградени. Во општините каде што Албанците се над 20 отсто, униформите на полицијата, пожарникарите и здравствoто ќе бидат и на албански, а на банкнотите ќе има културни елементи на Албанците, но не и текст на албански јазик.
Според предлогот, за спроведување на законот ќе бидат издвоени дополнителни средства од буџетот на Република Македонија поврзани со основањето агенција за примена на јазикот.
Вчера пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, рече дека смета дека новата влада и начинот на донесување на овој закон е крајно несериозна и неадекватна.
„Oвој закон се носи врз основа на демонстрирање на една политичка сила односно имаме 62 пратеници, имаме парламентарно мнозинство, можеме и во моментот ќе го донесеме ова законско решение. Ова законско решение мој став е дека треба да се донесе консензуално, со сите пратенички групи и во една широка стручна дебата. Широка општествена дебата. Јас сум убеден и тоа е мојата перцепција, а тоа е перцепцијата и на поголем број граѓани со коишто секојдневно комуницираме и ние и комуницирате и вие го знаете тој став, се обраќам на пратениците од владејачкото мнозинство, дека недоволно беше консултириана стручната јавност во нашата држава и не беа земени во предвид нивните забелешки. Инаку лично сум за максимална употреба на мајчиниот јазик на секој граѓанин во Република Македонија без исклучок на никој. Притоа мора за да се тоа спроведе да биде испочитуван Уставот на Република Македонија на којшто сите сме обврзани да го почитуваме и да го браниме, не само да го почитуваме и унитарноста на Република Македонија којашто е загарантирана со сите уставни елементи односно со Уставот на Република Македонија и сите законски и подзаконски акти кои што се на сила на Република Македонија, потенцираше Данев.
Пратеникот Данев за поставување на европското знаменце на законот за јазиците додаде:
„Законот за јазици се поставува апсолутно или набрзина. Значи се пробиваат сите рокови, се пробиваат сите процедури за да дојде овој закон во Собрание пред локалните избори и во недостаток на аргументи вистински на овој закон му се става европско знаменце. Јас за граѓаните на Република Македонија, бидејќи поминаа многу дена од првичните разгледувања и дебатирања во однос на овој закон во Собранието на Република Македонија еве што пропишува Деловникот на РМ на Собранието во однос на закони на кои се става европско знаменце. Вели вака: Кога предлогот на закон содржи одредби со кои се врши усогласување со правото на Европската Унија во воведот е наведуваат и податоци за изворниот акт на Европската Унија под назив, број, и датум. Со предлогот на закон се поднесува изјава за усогласеност, потпис на надлежниот министер и јасно наведување, Внимавајте! На правниот акт на Европската Унија со кои е извршено усогласувањето. Јас таков правен акт од Европската Унија или популарно наречена „директива“ до сега не видов визави овој закон и ако се осврнам на одредени дискусии и одредени погледи и установишта на стручната јавност, целата македонска јавност веќе е сведок дека ова е навистина една сериозна неаргументираност во однос на ставањето на тоа европското знаме. Веќе целата македонска јавност знае дека Европската Унија или државите во Европската Унија секоја поединечно си го решава прашањето за употребата на јазиците. Така да навистина ако сакаме да зборуваме со факти и ако сакаме да зборуваме со аргументи барем ако ништо друго можеме во наредните фази да го тргнете ова европско знаменце и барем како –така да го ставите во оваа дискусија во некои правни шини и не омаловажувајќи ја интелегенцијата на граѓаните на Република Македонија. Зборувам за сите граѓани, како за Македониците, Албанците, Турците, Србите, Бошњаците и сите граѓани на Република Македонија кои што не се спомнати како етнички заедници“, додаде Данев.