Се уште активен пожарот кај селата Ракле, Никодин и Топлица

Покрај дождот кој зафати делови од земјава, се уште во моментов имаме три активни пожари – кај село Раовиќ, во Општина Сарај, над селото Патишка река во Општина Сопиште и во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица, во Општина Прилеп, информира на претпладневната прес-конференција портпаролката на Центарот за управување со кризи Надица Вчкова.

Пожарот кај село Раовиќ, во Општина Сарај е се уште активен и тоа на недостапен терен, кон сртот на планината Осој.

„Во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови, поради ветерот се разгори и се пренасочи кон правец на Матка. Се уште гори нискостеблеста, мешана и деградирана шума“, изјави Вчкова.

Пожарот лоциран на месноста викана Радак, над селото Патишка река во Општина Сопиште е активен.

„Во текот на ноќните часови жители од село Соње, јавија дека се уште гори, но со намален интензитет и нема опасност од проширување и зафаќање одредени објекти. Утрово на ова место се упатени екипи на Националниот парк Јасен“, изјави Вчкова.

Пожарот во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица, во Општина Прилеп е со слаб интензитет и се приметува само чадење без пламен во високиот непристапен дел и нема опасност од проширување.

„На терен е испратена екипа од Ј.П. Национални шуми – Прилеп за контрола на овој пожар“, изјави Вчкова.

Пожарот на планината Готен, кај село Нивичино, место викано Калинско е локализиран од страната на струмичкиот дел.

„Се прават прески и расчистување на лисната маса, а во внатрешноста на пожарот горат стари трупци. Од страна на беровскиот дел се уште има чадење и во моментот нема опасност од проширување. На терен се екипи од Територијалната противпожарна единици од Струмица, МВР – Струмица, единиците на локална самоуправа од Василево, од Министерството за шумарство и водостопанство – Струмица, Дирекцијата за заштита и спасување и Шумското стопанство Беласица“, изјави Вчекова.

Следната редовна прес-конференција за состојбата со пожарите на ЦУК е во 17 часот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи