Улогата на параправниците во заедницата


Параправниците се луѓе во заедницата, кои произлегуваат од истата, ја познаваат, ги знаат проблемите на граѓаните и се препознаени како носители на промени. Параправната помош е позната во нашата земја во последните години, благодарение на здруженијата на граѓани кои ги препознаа лидерите во заедницата и ги вклучија во својата работа.

Во изминатиот период, Здружение Станица П.Е.Т. располага со четири параправници кои нудат услуги во регионот на Мариово, општина Кривогаштани, општина Долнени и помеѓу граѓаните во ромската заедница во општина Прилеп. И покрај фактот што параправниците делуваат на овој терен, сепак нивните услуги може да ги добие секој граѓанин на Северна Македонија преку користење на 24/7 услугата Повикај итна параправна помош на телефонскиот број: 076/278-753. Параправниците на здружението имаат значајна улога во општеството која не изостанува во било која правна област. И покрај фактот што параправниците не поседуваат формално правно образование, преку голем број на обуки, семинари и работилници се стекнаа со различни вештини и способности за идентификување на правни проблеми на граѓаните, давање основна правна помош, подготовка на документација, советување и сл. Во случај кога параправниците се соочуваат со проблем кој не е дел од нивната пракса, тие се консултираат со искусен правен тим кој е дел од Здружението Станица П.Е.Т.

Параправниците како препознаени неформални лидери во заедницата секојдневно се соочуваат со различни предизвици во спроведување на теренските активности помеѓу граѓаните, кои најчесто се маргинализирани поради различни географски, економски или општествени пречки. Тие имаат моќ да идентификуваат проблеми од општественото живеење кои имаат исклучително значење за основната егзистенција на граѓаните, а кои истите не се во можност да ги остварат преку директен контакт со институциите поради различни причини: географски предизвици (оддалеченост на селото од градот каде се наоѓаат институциите), економски и финансиски причини (трошоци за патување, трошоци поврзани со спроведување на постапката и обезбедување на потребна документација), неможност за патување поради секојдневните обврски кои ги имаат луѓето на село (земјоделство, сточарство), недоволна информираност на граѓаните од руралните средини и ромската заедница и сл. Сите овие проблеми, граѓаните од руралните средини и ромската заедница имаат можност да ги надминат со поддршката и советувањето кои ги добиваат од параправниците во нивниот регион.

Здружението за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т. во Прилеп работи на постојано унапредување на правните услуги кои ги нуди, но и активно обезбедува надоградување на знаењата на параправниците кои работат на терен како граѓаните би добиле навремена, сеопфатна и ефикасна поддршка во решавање на проблемите. Исто така, работата на параправниците освен секојдневните активности, опфаќа и едукација на граѓаните по однос на различни права и обврски која има едукативна улога во зголемување на знаењата на граѓаните за остварување на нивните права пред надлежните институции. Со оглед на опфатот на последните едукативни активности, кај граѓаните од руралните средини беше препознаена потребата за доближување на сите услуги поблиску до нив, па така Станица П.Е.Т. одлучи да отвори и три мобилни канцеларии во општина Кривогаштани, општина Долнени и општина Прилеп – регионот на Мариово, во кои еднаш неделно граѓаните ќе можат да добијат некоја правна услуга, помош, поддршка, советување и сл. директно во нивната општина, која ќе се обезбедува од мобилен тим составен од еден правник и еден параправник на здружението.

Исто така, а со цел продлабочување на знаењата на параправниците во областите на социјална заштита, бесплатна правна помош, домување и работни односи и лична документација, Станица П.Е.Т. кон крајот на месец јули организираше и тридневна летна школа за параправниците на здружението на која истите ги споделија и предизвиците со кои се соочуваат при спроведување на теренските активности, заеднички работеа на изнаоѓање долгорочни решенија, а истовремено ги надополнија своите знаења и учеа од практичната работа на правниците.

Улогата на параправниците во заедницата има едукативна, информативна,  но и практична улога во решавање на правните проблеми на граѓаните, почнувајќи од најосновните (правен совет, информација, упатување) до спроведување на сложени постапки (било каква правна постапка пред надлежна институција, подготовка на документација и сл.). Токму поради ова, улогата на параправниците е незаменлива и од непроценливо значење во пристапот до правда подеднакво за секој граѓанин, бидејќи ПРАВДАТА НЕ Е И НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ПРИВИЛЕГИЈА!

Автор: Станица П.Е.Т.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи