Активни се четири пожари во земјава. Се уште е активен пожарот во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во општина Прилеп, но засега нема опасност од проширување.
Aктивен е и пожарот кај селата Раовиќ и Буковиќ во општина Сарај, на недостапен терен кон сртот на планината Осој. Во текот на утринските часови не се гледа ни чад, ни оган на кракот кон селото Раовиќ кај антената на „Т-мобиле“. Се уште гори нискостеблеста мешана и деградирана шума, соопшти на денешната редовна прес-конференција Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Повторно е активиран пожарот на планината Готен кај село Нивичино, место викано Калинско.
„Во моментов интервенираат лица од Шумско стопанство „Беласица“, а на истиот пожар, кој гори и од страна на беровска територија интервенираат лица од Шумско стопанство „Малешево“ од Берово и од Шумско стопанство „Равна река“, екипа на Територијалната противпожарна единица од Берово, лица од Дирекцијата за заштита и спасување, како и месното население од село Владимирово“, изјави Вчкова.