Поранешниот британски маринец Пол Пен Фартинг, кој ја водел кампањата за спасување на животни од Авганистан, слетал со околу 170 мачки и кучиња на аеродромот Хитроу во Лондон.
Пол слетал во неделата наутро на аеродромот „Хитроу“, откако претходно бил заглавен поради експлозиите на аеродромот во Кабул во четвртокот.
Неговата добротворна организација „Новзад“ потврдува дека Пол и неговите животни ја напуштиле земјата во саботата,во акцијата наречена „Операција арка“, но без неговиот персонал од 24 лица.
Пол на Твитер споделува дека има длабоко чувство на тага поради Авганистан.
Тој, како што пренесува “Sky News”, се обидел да го извлече својот персонал и да ги спаси животните од Кабул кога се случила експлозијата на меѓународниот аеродром во тој град во четвртокот.
Рекол дека е “извонредно” што животните се толку здрави со оглед на тоа дека од средата навечер биле во сандаци во камиони во хаотичниот Кабул.
Пол рекол дека членовите на персоналот од засолништето за животни и натаму се дома, додавајќи дека ќе вложи напори да ги извлече од Авганистан. Додал тие се меѓу илјадниците Авганистанци кои имаат право да ја напуштат земјата, но дека моментално немаат безбеден излез.
Последниот британски лет го напушти Авганистан во саботата, со што се стави крај на 20-годишното воено учество на Обединетото Кралство во земјата.
Од 14 август Велика Британија евакуираше повеќе од 15.000 луѓе.