На првиот ден од пописот попишани се 91.681 лице, 28.355 домаќинства и 37.404 станови.
Спроведувањето почнало без одбивање од страна на граѓаните, а не бил пријавен ниту каков било технички проблем, според директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, кој ги повика граѓаните да соработуваат за да се добијат релевантни податоци. Тој повтори дека попишувањето е безбедно во однос на ширењето на коронавирусот и нагласи дека попишувачите имаат соодветни легитимации кои мораат да ги покажат.
Земјата е поделена на 50 пописни реони, а за подготовка, организација и спроведување е задолжен ДЗС. Во организацијата и спроведувањето на пописот учествуваат и Советот за статистика, комисиите за пописните реони, државните инструктори, реонските инструктори, реонските попишувачи и други учесници, согласно одредбите од законот за попис на населението.
Пописот е предвидено да трае до 30 септември, а според директорот Симовски првите податоци треба да бидат објавени најдоцна до јануари следната година.