Црвенковски: Македонија е корумпирана и длабоко поделена држава

Facebook
Twitter
Email
Print


Поранешниот премиер и претседател на државата (2004-2009), Бранко Црвенковски, упати денска апел до МАНУ, стопанските комори и граѓанските организации да почнат иницијатива за национална платформа која, како што рече, ќе ги дефинира клучните проблеми и цели на државата, со прецизни рокови за нивно надминување и исполнување и до која би се придржувале сите политички субјекти, независно од тоа дали се на власт или во опозиција.

Македонија денеска е корумпирана држава, внатрешно длабоко поделена и конфронтирана, која живее на кредити и еден ден тој балон ќе пукне со катастрофални последици, кажа Црвенковски на денешниот свечен научен собир  во организација на МАНУ: „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година.

Црвенковски кажа дека Македонија 30 години по осамостојувањето е корумпирана држава, нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството и со тоа нема фер пазарна економија каде ќе одлучува квалитетот, а не  како што кажа „подмачкувањето онаму каде што треба“, нема квалитетно образование, здравство и ефикасна јавна администрација. Македонија е и внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава, каде не може да се изгради консензус околу ниту едно стратешки важно прашање.

„Македонија е држава која живее на кредити, а постои една изрека „кој живее на кредит, умира на рати“. Во 2001 година бруто надворешниот долг изнесувал 1 милијарда и 494 милиони долари. Во 2011 година бруто надворешниот долг пораснал на 6 милијарди и 271 милион долари, а денес, во 2021 година тој изнесува фантастични 11 милијарди и 545 милиони долари. За 20 години, бруто надворешниот долг пораснал за повеќе од 10 милијарди долари. Па каде завршија тие пари и што е уште поважно, како ќе се враќаат тие пари. Вака понатаму не може. Овој балон еден ден, порано или подоцна, ќе пукне, со сите катастрофални последици што од тоа ќе произлезат“, рече Црвенковски.

Црвенковски во говорот кажа дека земјава уште не ги почнала преговорите со Европската унија сега поради спорот со Бугарија, па затоа потребно е да се најде алтернатива, за која рече дека не е истокот ниту далечниот исток, туку сами да работи на спроведување на реформите.

„Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен“, закчлучи Црвенковски.

Црвенковски рече дека треба да се предвидат и механизми како што поскоро да ја исполниме целта за членство во ЕУ, но и алтернативи за самоодржливост и самостоен развој и просперитет на земјата.

„Политичарите велат дека полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б. Го поставувам прашањето, а што ако не заради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, а такви размислувања во рамки на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава“, кажа Црвенковски.

Според него, Македонија треба, не затоа што Брисел наметнува, туку сама да ги спроведе неопходните реформи во сите области.

„Ако нашата главна идеја водилка е: „НАТО ќе нè брани, ЕУ ќе нè храни“, тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме. Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци“, рече Црвенковски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи