Заменикот на претседателот на владата, задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, во гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“, истакна дека изјавата дека цената на електричната енергија ќе поскапи по локалните избори е потполно неточна изјава.
„Цената на електричната енергија, во моментите на транзиција, од базното производство на електрична енергија од јаглен, процес кој е штетен за здравјето на луѓето и за животната средина, во производство од обновливи извори, ќе треба да биде платена од крајниот потрошувач. Во стратегијата за енергетика дадени се јасни насоки кога треба да се случи транзицијата на производството од обновливи извори или од гас. Гасот не е обновлив енергенс, тој ќе помогне во транзицијата, за да постигнеме производство од обновливи извори на енергија. Во моментов се реализираат и јавни и приватни инвестиции и во обновливи извори, во моментот има проект во Осломеј за изградба на 100 мегаватна фотоволтаична централа, за полека да влезе во процесот на транцизија, од производство од јаглен во производство од сонце. Се работи и на дистрибутивната мрежа за гас, веќе сме на 80%, наредната година би требало да биде готова и секундарната мрежа, интерконекторот со Грција, со кој ќе се диверзифицира снабдувањето со гас ќе почне да се гради до крајот на оваа година. Се прават подготовки, кои не се направени претходно. Кај термоцентралите мора да бидеме на јасно, и претходните раководства на ЕЛЕМ и на термоцентралите знаеле дека количините на јаглен кои таму постоеле, не се доволни за потребите на пазарот, дека треба да се отворат и нови окна за копање на јаглен, тоа се инвестиции кои требале да се случат пред 8 години, а се случија лани.
Трпението на граѓаните на сите нас изминува, но ние како Влада ќе направиме се што е потребно, за да граѓаните најмалку можно го почуствуваат процесот на транзиција и евентуалното покачување на електрична енергија. Ќе креираме пакети кои на праведен и правичен начин ќе одговорат на потребите на граѓаните, докажавме и секојдневно покажуваме дека работиме на тоа граѓаните да го добијат тоа што треба. Цената на електричната енергија се дефинира еднаш годишно и оваа цена ќе остане на сила до 30 јуни 2022 година“, рече вицепремиерот Битиќи.