Случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ доби и правна разрешница. Како што пишува „Призма“, инвеститорот Мевљудин Алити, чија дивоградба лани се уриваше со полициска придружба, признал вина и добил условна казна од две години, како и паушал за судски трошоци во висина од 3 000 денари (50 евра).
Инвеститорот Алити рекол дека се кае за тоа што го направил и дека не бил свесен за последиците од неговото однесување. Сметал дека со тоа што градел е само обнова на неговиот објект и дека со тоа не врши кривично дело… и ветил дека во иднина нема да го повтори делото.
„Колку што беше силен одекот во јавноста дека спроти судската палата, во центарот на Скопје, ‘непознат’ инвеститор си ѕида објект и тоа трае со месеци, толку незабележано помина пресудата, која судски го запечати овој случај. Една година по оваа епизода, излегува дека правдата е задоволена. Едно признание на вина, условна казна, и судски паушал од 3 000 денари. Накусо, ова е среќниот крај на приказната за тоа бетонско здание пред трговскиот центар. Ако лани во септември, Мевлудин Алити заедно со неговиот адвокат пред медиумите говореше дека правдата е на нивна страна и оти потрагата по неа ќе стигне до судот во Стразбур, приказната доби сосема поинаков тек, и тоа буквално во само едно судско рочиште. Обвинетиот инвеститор, како што е наведено во правосилната пресуда објавена по барање на БИРН, во јуни годинава признал дека е виновен“,се вели во текстот на „Призма“.
Како што понатаму се појаснува, ова значи дека за овој предмет не се изведувале докази, туку судот ја прифатил неговата вина и во пресуда од четири и пол страници го осудил со условна казна затвор од две години, кои ќе бидат активни ако во следните пет стори ново кривично дело.
Целиот текст на „Призма“.