Во Охрид започна првиот камп по ритмичка гимнастика, кој на едно место ги собра младите и талентирани гимнастичарки од Македонија, Србија и Косово. Посебна чест за учесничките е присуството на Ерика Зафирова од Бугарија, олимписка шампионка и освојувачка на златен медал на Олимписките игри Токио 2020. Нејзиното искуство и знаење се огромна инспирација за младите гимнастичарки и можност тие да учат од врвен професионалец.
Кампот опфаќа пет часа професионална дневна програма, посветена на техниката, движењето и усовршувањето на гимнастичарките. Во програмата е вклучен и Бобан Русески, балетски педагог и кореограф, кој придонесува за развојот на балетската техника, грациозноста и сценскиот израз.
Кампот е во организација на Клубот за ритмичка гимнастика „Авантгард “ од Прилеп, предводен од претседателката проф. Александра Стојаноска, со визија ваквите иницијативи да продолжат да се развиваат и да прераснат во традиција.
Овој камп е повеќе од спортски настан. Тој е чекор кон нова ера во ритмичката гимнастика, создавање нови можности за младите и градење традиција која во иднина треба да донесе уште повеќе таленти, нови гимнастичарки и нови спортски успеси.
Свеченото отворање беше збогатено со присуството на претставници и советници од Општина Охрид, на кои им благодариме што нè удостоија со своето присуство и ја поддржаа оваа значајна спортска иницијатива.
Посебна благодарност упатуваме до хотел „Лебед“ за прекрасните услови за престој, гостопримството, љубезноста и одличната услуга. Голема благодарност и до основното училиште О.У. “Григор Прличев ” за прекрасните услови за реализација на тренинзите.
Огромна благодарност до „Витаминка“ – Прилеп за прекрасните подароци и несебичната поддршка кон најмладите, како и за поддршката на вакви спортски настани. Од првиот чекор до големите соништа. Од денешниот камп до идните шампионки. Нека ова биде само почеток на една прекрасна традиција која ќе расте со секоја нова генерација.