Младите треба да бидат носители и чинители на мирот и безбедноста во регионот. Токму затоа потребно е создавање на платформа каде младите ќе се запознаваат едни со други од различни вери и нации и каде ќе учат едни за други. Ова беа темите на Меѓународната младинска конференција која се одржа во Крушево, на која учествуваа 50-тина млади Македонија, Србија и Косово.
„Заклучивме дека младите луѓе од овие 3 држави многу малку се познаваат меѓу себе, знаат за другите од другата страна на границата, меѓутоа знаат од кажување на роднини, родители, баби и дедовци и според тие интерпретации нивни ги носат заклучоците дали другите од другата страна на границата се добри или лоши. Така да лесно можат да бидат предмет на манипулација на погрешени претставувања на некои историски случувања“, истакна Методија Стојчески, Извршен директортна „Младински сојуз Крушево“.
Дискусиите беа насочени кон три моментални тешки прашања: Може ли регионот да се ослободи од товарот на минатото? Како да се гради доверба во време на несигурност и лажни вести? И каква улога имаат младите кога треба да се спречи следниот конфликт?
„Во Србија неодамна како што знаете се случи промена, сите политики кои беа активни последните 35-40 години буквално исчезнаа. Тоа беше еден колективен одговор и мое скромно мислење е дека иако тоа е самиот почеток на промените кои настанаа, мислам дека сега е права прилика да го погледнеме сето тоа баш низ таа призма и тоа можеби да биде модел за сите тие транзициони периоди кои земјите ги очекуваат во тој политички милје“, додаде Миодраг Миличевиќ, здружение на граѓани „Актив“ од Косово.
Младите велат дека колку повеќе се дружат заедно, толку повеќе се запознаваат и на тој начин се уриваат бариерите кои постојат со децении.
„Мислам дека на првиот проект имаше најголеми граници, затоа што секоја група на луѓе, секоја држава си беше поединечна, но како продолживме со проектот тоа се скрши и повеќе почнавме да комуницираме еден со друг“, рече Матеј Павловски, жител на Куманово, учесник на конференцијата.
„Мислам дека бариерите се само во нашите глави, дека ги замислуваме и дека сите можат да се надминат доколку имаме желба и волја тоа да го направиме“, вели Љазди Тефики, жител на Тетово, учесник на конференцијата.
Беше најавено дека ваквите средби треба да продолжат и во иднина со поширок круг на околните држави.
