Сузбивање на пандемијата и намалување на несаканите ефекти врз економијата е единствено возможно доколку се носат одржливи мерки кои ќе даваат вистински резултати, а не да се избираат преодни решенија од кои нема ефект. Со префрлање на одговорноста на друго место и со поставување на ултиматуми за кои нема правен механизам за спроведување сите се ставаат во неповолна состојба.
Со најавената задолжителна вакцинација во приватниот сектор се добива впечаток дека проблемот се префрла од Министерството за здравство кон деловните субјекти. Во услови кога не е спроведена целосна вакцинација на медицинскиот персонал, потребна е сериозна кампања на Министерството за здравство преку која ќе се споделат релевантни информации за вакцините и ќе им овозможи на луѓето секој индивидуално да донесе одлука базирана на факти.
Целосно е неприфатливо товарот за задолжително тестирање за оние кои не сакаат да се вакцинираат да падне на претпријатијата, бидејќи тие и така се наоѓаат во лоша финансиска состојба со сериозно намалена ликвидност, бидејќи голем дел од обврската за да се задржат вработените и да се одржи деловната активност во услови на криза е токму на работодавачите.
Во услови на инфлација, раст на цените на сите суровини и репроматеријали, стотици парафискални давачки, наместо олеснување и креирање на политики за економско заздравување, ваквото наметнување на нов трошок за ПЦР тестови само ќе придонесе за згаснување на претпријатијата и продукција на зголемен број на невработени лица кои ќе паднат на товар на државата. Проблемот е нагласен поради тоа што не се работи за еднократен трошок, за да би можеле деловните субјекти да калкулираат во своите пресметки, како што се на пример редовните систематски прегледи за вработените, туку се работи за константно повторување на секои 72 часа, што е тотално несправедливо.
Ја повикуваме Владата наместо донесување на мерки со кои ќе се продлабочи кризата, во наредниот период да се посвети на креирање и имплементација на политики кои ќе донесат заздравување на економијата, преку нови, навремени, континуирани и насочени мерки, донесени во консултација со приватниот сектор. Сојуз на стопански комори, како и досега, изразува подготвеност со свои експерти да придонесе во предлагање и креирање на истите.