Министерството за образование и наука ги објави резултатите од конкурсите за доделување ученички стипендии за учебната 2021-2022 година.
На веб-страницата на МОН се објавени добитниците на различни категории ученички стипендии заедно со договорот за стипендија.
Најдоцна до 3 декември 2021, секој добитник на стипендија треба да го симне и пополни во три примероци соодветниот договор за стипендија и заедно со копија од лична трансакциска сметка да го достави до МОН.
Одбиените кандидати ќе имаат можност да поднесат приговор до Министерството, на адреса: бул. „Св. Кирил и Методиј” бр. 54, 1000 Скопје или преку електронската адреса: ucenicki.stipendii@mon.gov.mk, откако на домашна адреса ќе добијат решение во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена.
МОН доделува стипендии за: социјална поддршка на ученици; за ученици со посебни потреби; за талентирани ученици; за талентирани ученици – спортисти; за талентирани ученици – уметници; за ученици запишани во дуални паралелки; за запишани во тригодишно стручно образование; за ученици Роми и за ученици од наставата за неколку видови струки.