На 25 ноември се обележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со кој започнува светската кампања „16 дена активизам против насилството врз жените”, како една глобална, светска кампања која ја одбележуваат 1.700 организации во повеќе од 100 земји во светот.
25 ноември е прогласен за Меѓународен ден на борба против насилството врз жените на првиот состанок на феминистките во Латинска Америка и Карибите (Feminist Encuentro), одржан во Богота 1981 година. На средбата, жените зборувале за семејното насилство, силувањата и сексуалната злоупотреба како и режимските насилства во кои жените страдаат, вклучувајќи тортура и насилство врз политичките затвореници. 25 ноември бил избран како ден на сеќавање на сестрите Mirabel (Patriа, Minervа i Mariа Teresа), кои биле брутално убиени од страна на диктаторот Rafael Trujillo во Доминиканската Република во 1960-та година.
Декларација на Обединетите нации (ОН), за елиминација на насилство врз жените 48/104, била усвоена на 20 декември 1993 година, а од 1999 година со резолуцијата на ОН 54/134, официјално за прв пат, почнува да се одбележува 25 ноември како Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените.
Податоците од разни студии спроведени во светот покажуваат дека во сите земји во светот без оглед дали станува збор за развиени или неразвиени земји, без оглед на нивната религиската припадност, култура, возраста, или статусот, жената е повеќе или помалку изложена на некој облик на насилство било да е физичко, сексуално или психичко.
Насилството како такво представува најчест облик на кршење на човековите права во Европа. Според статистичките податоци, секоја трета жена во светот е жртва на насилство од страна на својот партнер, а секоја петта е подложна на закана од сексуално насилство. Жените во светот се предмет на насилство, а големината и вистинскиот карактер на овој проблем често остануваат скриени. Причина за ова е најчесто блага казнена политика во случаи на насилство врз жените и тоа испраќа ужасна порака дека насилството е легитимно и социјално прифатливо, а загрижува и фактот дека кривичните пријави често се отфрлаат и поради недостаток на докази, бидејќи жртвата не сака кривично гонење, или одлучува да не сведочи.