На работодавците им остана уште еден месец на своите вработени да им исплатат К -15 за оваа година, за да избегнат санкции.
Дел од работниците овој регрес за годишен одмор кој годинава е околу 11.500 денари го добија уште на почетокот на сезоната за одмори, некои подоцна, а голем дел сè уште го чекаат.
Право на К-15 имаат сите вработени во приватниот и во дел од јавниот сектор кои кај ист работодавец работеле најмалку 6 месеци во календарската година. Од ССМ ги потсетија работодавците дека годинава имаат простор без да бидат оданочени да исплатат и поголема сума од оние 40 % од трите последни просечни исплатени на ниво на држава, кои со колективен договор се предвидени како минимум.
Од ССМ потсетуваат дека регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците, во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавците – ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавците целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле.
Oд ССМ и потсетуваат дека за работодавачи кои не исплаќаат К-15, или бараат од работникот да им го врати, законот предвидува и затворска казна до една година.
Од лани право на К-15 имаат и над 20.000 вработени во јавната управа и правосудството.