Алтернатива ги презема Здравство, МИОА и дијаспора

Facebook
Twitter
Email
Print

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши денеска потпишаа Договор за ново и стабилно парламентарно мнозинство и за учество на Алтернатива во составот на Владата.

На прес-конференцијата по тој повод, претседателот на Владата Заев истакна дека стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада значи дека  новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Македонија.

„Новото мнозинство е одговор на барањето и потребите на граѓаните за стабилност. Граѓаните бараат стабилност – еве, испорачуваме стабилност. Новото мнозинство е одговор на потребите на државата и на предизвиците кои се исправени пред нас како општество“, истакна премиерот Заев.

Заев додаде дека вредноста на овој Договор создаден заради интересот на граѓаните е што е постигнат низ консултации и со искрен пристап кон предизвиците кои заеднички ги споделуваме.

„Се здруживме околу заедничката определба дека во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет и преземањето јасно утврдена одговорност пред граѓаните. Тоа е исклучително важно во време на сериозни предизвици, дома и на глобален план. Постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со КОВИД-19 пандемијата и се разбира глобалната енергетска криза“, нагласи Заев.

Како коалициони партнери од новото стабилно парламентарното мнозинство, продолжи премиерот Заев, едногласни сме дека на Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е неопходен јасен евроатлантски курс на дејствување.

„Само во такви услови можеме да чекориме напред, да продолжиме достоинствени да бараме решение со Бугарија и да очекуваме почеток на преговорите со ЕУ. Порака до ЕУ и посебно до пријателска Бугарија: Во Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство и подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашето пријателство меѓу двете држави и двата народи. Ние сме братски народи“, истакна Заев и додаде дека дома ни преостанува континуитетот на европеизацијата на која ќе работиме со полн капацитет.

Премиерот Заев нагласи дека сега има мнозинство за стабилна влада и за сериозни решенија кои ќе ги држат здравствениот и енергетскиот систем – стабилни. Во време на глобална пандемиска криза и неизвесност и во време на европска енергетска криза, на Македонија најпотребна и е токму стабилна Влада, а не повторно избори.

„Се водевме од императивот за стабилно парламентарното мнозинство и за да се стави крај на опструкциите во Собранието. Ефикасност на Собранието е во интерес на граѓаните и нивните потреби. Да ги совладаме блокадите низ дијалог во Парламентот и да и дадеме сила на Владата во спроведување на програмските политики околу кои постигнавме согласност и кои се во интерес на граѓаните. Наша заедничка констатација, која ја зајакнува новата коалиција, е дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не им се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори“, рече Заев и додаде дека вонредни избори единствено би ја втурнале земјата во нова политичка, економска и општествена неизвесност, но и ризик одново да се закочат европските интеграции.

Затоа, потенцираше премиерот Заев, постигнат е договор со Алтернатива за Влада и парламентарно мнозинство до крајот на актуелниот мандат, односно до 2024 година, со амбиција и да продолжи.

Премиерот Заев потоа додаде дека врз основа на овој договор Алтернатива ќе преземе одговорности преку нивно учество во менаџирање на неколку министерства и институции и во новиот состав на Владата ќе предложи министер за здравство, министер за информатичко општество и администрација и министер без ресор задолжен за дијаспора.

Заев информираше дека Владата ќе воведе неколку министри без ресор со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици, а од страна на Алтернатива ќе бидат назначени и три заменици министри.

Според постигнатиот договор Алтернатива ќе преземе одговорност во менаџирањето на раководните и управувачките органи во повеќе институции на централно и подрачно ниво. Меѓу нив, од поважните ги издвојуваме МЕПСО, Фондот за пензиско и здравствено осигурување, Железници транспорт, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции и др.

На прес-конференцијата претседателот на Алтернатива Гаши ги претстави договорените принципи и начела со кои ќе се надгради односно дополни владината програма, откако претходно нагласи дека со овој договор земјата излегува од политичката криза и дека во прилог на тоа Алтернатива го прифати историскиот предизвик да биде во функција на интересите на државата, граѓаните и регионалните и евро-атлантските приоритети.

Во продолжение на своето обраќање, претседателот на Алтернатива Африм Гаши ги презентираше Основните начела за надградба на програмата за работа на Владата на Република Македонија.

Основните начела го опфаќаат мобилизирањето на сите капацитети на државата и општеството со цел отворање на преговорите со ЕУ и за успешно комплетирање на сите поглавја за полноправно членство во ЕУ.

Постигната е согласност Владата да испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание.

Заеднички е прифатено да биде донесен нов Закон за рамноправен регионален развој , како и развивање и имплементација на политики за унапредување на правата и интересите на сите индивидуи и заедници во земјата и дополнително за поддршка на семејството како една од суштинските компоненти на општествениот живот.

Меѓу прифатените начела е и анализа на вкупните закони и политики во однос на борбата против криминалот и корупцијата и истите ќе ги унапредува во насока на поефикасно спроведување.

Како еден од принципите за согласност е и редефинирањето на Законот за извршители водејќи се пред се од барањата на граѓаните.

Постигната е согласност да се иницира  процес на градење Национална стратегија за развој и подигнување на квалитетот во образованието, во кој ќе настојува да учествуваат сите чинители од образовниот процес, како и политичките партии, граѓанските организации и меѓународни институции, а во меѓувреме Владата ќе испрати и официјален повик до меѓународните институции за евалуација на домашните високообразовни институции.

Согласно актуелната енергетска криза, Владата ќе застане во економска заштита на населението и нема да дозволи поголемо покачување на цената на струјата од 20% во текот на 2022 година, преку субвенционирање на граѓаните и компаниите и други економски мерки.

Како деветта точка од Основните начела за надградба на програмата за работа на Владата на Република Македонија вклучена е и определбата Владата да работи на зголемување на квалитетот, ефикасноста и експедитивноста на испораката на услуги кон граѓаните и на реализацијата на проекти на сите нивоа, преку зголемување на нивото на одговорност кое носителите на јавни функции и државните службеници го преземаат пред граѓаните.

Интегрална изјава на Претседателот на Владата, Заев по постигнатата согласност со Алтернатива

„Почитувани претставници на медиумите,

Чест ми е денеска официјално да соопштам  дека со господинот Африм Гаши, односно со партијата Алтернатива, постигнавме договор за обезбедување стабилно парламентарно мнозинство.

Стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Македонија.

Новото мнозинство е одговор на барањето и потребите на граѓаните за стабилност. Граѓаните бараат стабилност – еве, испорачуваме стабилност.

Новото мнозинство е одговор на потребите на државата и на предизвиците кои се исправени пред нас како општество.

Вредноста на овој Договор создаден заради интересот на граѓаните е што е постигнат низ консултации и со искрен пристап кон предизвиците кои заеднички ги споделуваме.

Се здруживме околу заедничката определба дека во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет и преземањето јасно утврдена одговорност пред граѓаните.

Тоа е исклучително важно во време на сериозни предизвици, дома и на глобален план.

Постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со КОВИД-19 пандемијата и се разбира глобалната енергетска криза.

Како коалициони партнери од новото стабилно парламентарното мнозинство, едногласни сме дека на Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е неопходен јасен евроатлантски курс на дејствување.

Само во такви услови можеме да чекориме напред, да продолжиме достоинствени да бараме решение со Бугарија и да очекуваме почеток на преговорите со ЕУ.

Порака до ЕУ и посебно до пријателска Бугарија: Во Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство и подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашето пријателство меѓу двете држави и двата народи. Ние сме братски народи.

Порака до целиот наш народ

Почеток на преговорите ни треба веднаш, затоа што ги имаме исполнето сите услови. “Европеизација веднаш, европеизација постојано” е нашата заложба на која ќе работиме со полн капацитет.

Имаме мнозинство за стабилна влада и за сериозни решенија кои ќе ги држат здравствениот и енергетскиот систем – стабилни. Во време на глобална пандемиска криза и неизвесност и во време на европска енергетска криза, на Македонија најпотребна и е токму стабилна Влада, а не повторно избори.

Се водевме од императивот за стабилно парламентарното мнозинство и за да се стави крај на опструкциите во Собранието. Ефикасност на Собранието е во интерес на граѓаните и нивните потреби. Да ги совладаме блокадите низ дијалог во Парламентот и да и дадеме сила на Владата во спроведување на програмските политики околу кои постигнавме согласност и кои се во интерес на граѓаните.

Наша заедничка констатација, која ја зајакнува новата коалиција, е дека на Македонија и на граѓаните на земјата не им се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори.

Вонредни избори единствено би ја втурнале земјата во нова политичка, економска и општествена неизвесност, но и ризик одново да се закочат европските интеграции. Доста беа кризи и неизвесности. На нашата татковина и треба мирен и стабилен период.

Затоа, постигнавме договор со Алтернатива за влада и парламентарно мнозинство до крајот на актуелниот мандат, односно до 2024 година, со амбиција и да продолжи. Нема стабилност со вонредни избори. Затоа, вонредни избори нема да има – за да има стабилност.

Дел од овој значаен политички договор е дека Алтернатива ќе преземе одговорности преку нивно учество во менаџирање на неколку министерства и институции.

Алтернатива ја презема одговорноста со свои кадри и од своите редови ќе назначи:

Министер за здравство;

Министер за информатичко општество и администрација; и

Министер без ресор задолжен за дијаспора.

Владата ќе воведе неколку министри без ресор со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици.

Од страна на Алтернатива ќе бидат назначени и три заменици министри, од кои еден во Министерството за образование и наука и еден во Министерството за култура. За третиот ресор останува дополнително да прецизираме, иако разговаравме за заменик министер за земјоделие.

Алтернатива ќе преземе одговорност во менаџирањето на раководните и управувачките органи во повеќе институции на централно и подрачно ниво. Меѓу нив, од поважните ги издвојуваме МЕПСО, Фондот за пензиско и здравствено осигурување, Железници транспорт, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции и др.

Претседателот на Алтернатива Гаши ќе ги претстави договорените принципи и начела со кои ќе се надгради односно дополни владината програма.

Тие се однесуваат најмногу на европските интеграции, на економскиот добробит за народот, на рамномерниот регионален развој, правната држава и на брзата и квалитетна испорака на услуги кон граѓаните од страна на институциите.

На крајот, дозволете ми да ја изразам мојата благодарност за постигнатата согласност Алтернатива да биде дел од парламентарното мнозинство и од Владата, и особено за покажаната подготвеност во решавањето на предизвиците да учествува со квалитетен придонес и со јасно утврдена одговорност во интерес на граѓаните и земјата.

Благодарам.“

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи