Заев ги информираше коалиционите партнери за постигнатиот договор со Алтернатива

Facebook
Twitter
Email
Print


Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев имаше средба со лидери на партии од владината коалиција на која ги запозна со постигнатиот договор со Алтернатива со којшто се обезбеди стабилно мнозинство во Собранието и стабилна Влада со влезот на оваа партија во извршната власт.

Премиерот Заев ги запозна лидерите од коалицијата со деталите од договорот со Алтернатива, како и со содржината на документот Основни начела за надградба на програмата за работа на Владата на Република Македонија кој треба да се допрецизира и појасни со цел да стане составен дел од новата владина програма.

На средбата од страна на премиерот беше презентирано и дека договорот со Алтернатива за зајакнување на парламентарното мнозинство и на Владата значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните.

Заев додаде дека во овие моменти кога најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со КОВИД-19 пандемијата и се разбира глобалната енергетска криза.

Претседателот на Владата Заев информираше и за делот од договорот со кој Алтернатива презема одговорност за активностите во неколку министерства, институции или подрачни единици или одбори согласно претходно утврдени принципи за постигнување договор за проширување на мнозинството.

Целокупниот процес на одржување стабилност на централната власт Македонија и натаму ќе биде обезбедуван во духот на демократијата и заради стратешките цели на земјата, но и поради тоа што на граѓаните не им се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори, туку стабилен период за остварување на приоритетите од владината програма, беше потенцирано на средбата од страна на премиерот Заев.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи