Целосна заштита на водите ако се подобри новиот Закон за води

Facebook
Twitter
Email
Print

Нацрт-законот за води отвора поголеми можности за заштита на водните ресурси откако Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) вклучи граѓански организации и експерти од Алијансата „Разбистри сè“ во најраната фаза на изработката на законот. Сепак, од „Разбистри сè“ сметаат дека предложените законски промени не се доволни и сè уште има недостатоци за целосно да се регулира користењето и зачувувањето на водите.

Од исклучително значење е тоа што се вклучува јавноста во доделување на концесии за користење на вода. Нацрт-законот наметнува обврска физибилити студијата да биде јавно објавена и да се одржи јавна расправа на подрачјето на кое се доделува концесијата. Сепак, треба да се овозможи во процесот да се вклучат и сите заинтересирани граѓански здруженија, а не само оние од подрачјето на кое се однесува концесијата, но и да се дефинира јавниот интерес заради повисок третман и заштита на водите.

Нацрт-законот попрецизно ја регулира изградбата и функционирањето на малите хидроцентрали. За првпат е дефиниран и регулиран еколошкиот проток и задолжително треба да се поставуваат рибни патеки при изградба на мали хидроцентрали, за што треба да се предвидат и подзаконски акти. Освен што е намалено времетраењето на концесиите за хидроцентрали со моќност под 10 мегавати, треба и целосно да се забрани изградбата на хидроцентрали во заштитени и подрачја предложени за заштита, како и на сите други места на кои би наштетило на водоснабдувањето, наводнувањето и биодиверзитетот.

Уредувањето и регулирањето на речните корита и езерските крајбрежја ќе има приоритет пред црпењето и продажбата на песок и чакал. Фирмите ќе мора да имаат лиценца за градење и детална техничка документација за уредување на коритата и за постапување со ископаниот материјал. Со ова треба да се спречи секој кој има багер да копа во реките. Но, во нацрт-законот недостасува поефективен механизам со кој ќе се стимулираат фирмите да вршат токму уредување на речните корита, а не само да ја користат можноста за продавање на ископаниот песок и чакал.

Заострени се условите за издавање дозволи за користење на водите, а ако има барање да се постави објект во заштитните зони, МЖСПП ќе мора да ги извести управителите на тие зони. За активно да се вклучат и градоначалниците во издавањето на дозволи за користење на водите во нивните општини, нацрт-законот треба да им наложи да доставуваат нивно мислење. За фирмите, пак, наместо изработка на елаборати, треба да се воведе задолжителна студија за влијанието врз животната средина, како и да се зголемат надоместоците за користење на вода. Нацрт-законот предвидува дека правото на користење на водите може да биде ограничено кога се загрозува животната средина и притоа фирмите кои имаат дозволи или концесии нема да можат да бараат надоместок на штета за изгубена добивка. Исто така, дозволата може да им биде одземена ако не доставуваат податоци за искористените количини на вода и не ги преземаат мерките предвидени од државните органи.

Зајакната е и контролата при испуштање отпадни води, особено во подземните води, а катастарот на загадувачи мора да биде јавно достапен. Сепак, фосфатите не се прифатени во законските измени, иако се меѓу најчестите загадувачки материи на водите, а крајбрежниот појас во кој не е дозволено да се користат вештачки ѓубрива и биоцидни средства останува само 10 метри. Дополнително, во законот треба да се внесе можноста освен институции, и засегнатата јавност да може да иницира измена на дозвола за користење и испуштање води.

Нацрт-законот за водите го засилува инспекцискиот надзор со тоа што освен на водостопанските инспектори, им прецизира обврски и на државните инспектори за заштита на природата, локалните инспектори за животна средина, санитарно-здравствените инспектори и државните инспектори за земјоделство. Во таа насока, треба да се изработат катастри за хидроцентрали, бунари и извори, а освен УХМР, треба да се овозможи мониторинг и од други сертифицирани институции и лаборатории за мерења на користењето на вода од страна на малите хидроцентрали. Со тоа би се постигнала подинамична и навремена контрола на загадувачите и уништувачите на водите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи