„БЕЛЕГ НА ВРЕМЕТО“ – самостојна изложба на Павлина Илијеска

Вечерва, 4 јули во 19 часот во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на дела од прилепската уметница Павлина Илијеска.

„Со компонирањето на колоритни пејзажи и импресивни градски ведути, самоуката уметница/аматер Павлина Илијеска создава обемен сликарски опус со мотиви инспирирани од родниот град Прилеп. Сликајќи ги грандиозните споменици со кои се одликува градот под Марковите Кули, таа креира културен континиум на историските текови кои оставиле карактеристични белези во минатото и кои на неповторлив и единствен начин ја обликуваат сегашноста. Сигурна во својата интуиција, таа храбро и достоинствено чекори во светот на ликовната уметност. За прв пат во новиот циклус на уметнички дела користи монументални платна. Со минуциозното и пиктурално сликање на најситните детали во пејзажите и градската архитектура, уметницата настојува целосно да ја исполни белата површина. Издвојувајќи сè со – калиграфски сликарски ракопис, лирски сензибилитет и вибрантни боени ноти, автентичното уметничко творештво на Илијеска прераснува во културен ансамбл кој сведочи за историската и духовната вредност на градот.

Црпејќи инспирација од македонската традиционална музика и танц, а особено поетските стихови на Конески, уметницата ја создава композицијата  насловена според истоименото оро и песна – „Тешкото“. Во подножјето на Маркови Кули претставена е група на играорци како го изведуваат орото.  Со ликовната интерпретација на стиховите: „…сè сенка до сенка, сè еден до друг – во бескрајно оро син оди по татка, по деда си – внук.“, композицијата преминува во метафора за: мачниот опстанок и борба на македонскиот народ, стремежот за ослободување и сопствен напредок, непоколебливата волја за надминување на историските неприлики, истрајноста и многувековниот културен континуитет на градот Прилеп.

Преку редуцирањето и симплифицирањето на формите во композициите „Слободен видик“ и Насилство врз децата“, уметницата навестува нов експресивен сензибилитет. Асоцијативните редуцирани форми и темните боени тонови постануваат ликовни синтагми преку кои се изразуваат комплексни емотивни доживувања – копнежот за слобода, исцрпувачкото чувство на заробеност, страв и немоќ. Употребувајќи ја моќноста на ликовниот јазик таа ја пренесува пораката за соодветна заштита и грижа на најмладите кои претставуваат идна водечка сила во општеството“, пишува Викторија Димеска, историчар на уметност.

 

„Не само поради создадените дела, туку и поради бројните интензивни разговори за уметноста и за секојдневието кое нѐ опкружува, љубам да кажам дека Павлина Илијеска е пред сѐ човек којшто има неверојатна интуиција, што води кон мојот следен заклучок дека е авторка која ја изложува душата и нејзините пориви. И тие радосните, и тие страшните, или пак, тие тажните. Интуицијата која умешно ја пренесува и на платната со кои денес сме опкружени, без разлика на чувството кое во моментов како гледачи нѐ обзема, е следена од една заедничка карактеристика кој во уметноста често не ја забележуваме, бидејќи премногу сме фокусирани на доживувањето на насликанато, посебено ако ни изгледа познато, а помалку на неговата позадинска интерперетација. Таа заедничка карактеристика во делата на Илијеска е слободата, односно нејзиното интуитивно пројавување, без разлика дали сликарката ни претставува така наречени патриотски мотиви, или го допира егзистенцијалниот бит на единката. Занимавајќи се со единката, Илијеска вешто продира и се судира со стравот, неспокојот и потрагата по начините за повторно народување. И тука, и во случај на патриотско-локалните теми, вториот план, односно споменатата позадинска интерпретација е творивото кое смирува, оплеменува, радува или ја додава дополнителната сила за истрајност кон слободата, како што се на пример сликани мотивите поврзани со Тешкото, прилепска Могила или Чаршијата со градската Саат-кула.

Илијеска слика слобода која не останува само во рамките на имагинарното, или пак слобода која вечерва ќе не одведе на барикадите на градскиот плоштад, туку таква која несвесно нѐ разнежнува, иако можеби очекувањата биле поинакви“, вели Звонко Димоски.

Павлина Илијеска е родена во Прилеп, 1949 година. Образованието го завршила во родниот град. Интензивно почнува да слика на свои 57 години, во 2006 година. Нејзиниот опус до 2015 година брои над 146 сликарски платна со претстави на  градски ведути и пејзажи, изработени во акрилна техника.

Групни изложби

Културно лето“, во Лерин – 2011.

Културно лето“, во Лерин – 2012.

Културно лето“, во Лерин – 2013.

„Културно лето“, во Лерин – 2014.

„Годишна изложба на ДЛУП 2018“, Ликовна галерија при НУЦК во Прилеп – 2018.

„Традицијата е код, традицијата е течение“, Ликовна галерија при НУЦК, Прилеп – 2018.

ДЛУП СОВРЕМЕ(Н)“, Ликовна галерија при НУЦК во Прилеп – 2018.

„Годишна изложба на ДЛУП 2020“, Ликовна галерија при НУЦК во Прилеп – 2020.

„Годишна изложба на ДЛУП 2021“, Ликовна галерија при НУЦК во Прилеп – 2021

„ИНК 2021 – Цртеж и вино“, Ателје Артика во Прилеп – 2021.

„Годишна изложба на ДЛУП 2022“, Ликовна галерија при НУЦК во Прилеп – 2022.

Самостојни изложби:

„Културно лето“, во Лерин – 2015.

Боите на милоста“, Ликовна галерија при НУЦК во Прилеп – 2012.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи