Туризмот во Крушево полека, но сигурно се враќа како во времето пред пандемијата. Секако најмногубројни посетители се параглајдеристите од целиот свет, но преполно беше и за празниците и за манифестацијата „НКС 10 дена Крушевска република“. Концерти, изложби, театарски претстави, забави во центарот на градот, беа дел од годинешната понуда за гостите.
„Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ годинава можеме да кажеме дека помина одлично и може да кажеме дека ги надмина очекувањата. Може слободно да кажам дека годинешнава манифестација со нејзината промовираност имаше посетеност повеќе од 25% на туристи во градот Крушево специјално само за тие денови“, истакна Трајче Шекрески, секретар на манифестацијата „НКС 10 дена Крушевска република“.
Спортските и културните настани продолжуваат со несмалено темпо и овој викенд.
„Саемот за туризам и бизнис кој ќе се одржи за прв пат во Крушево, потоа традиционално по 6 пат се одржува ФИС ролер-ски купот Тоше Проески со учесници од цел Балкан, како и Крушево низ корија каде покрај велосипедските тури ќе има и пешачки тури, дегустација на храна, вечерни концерти, така што и преку тој настан очекуваме повеќе посетители“, додаде Сотир Габелоски, општина Крушево.
По 17 традиционален пат се одржа и етно саемот во домот за култура кој беше збогатен со повеќе културни активности, во кои интерактивно учествуваше и публиката, како и странските гости.
„Сум задоволна затоа што имаше многу странци кои беа љубопитни, доаѓаа и учествуваа во самите настани. Обично ги затвораме вратите кога почнува манифестацијата, но овој пат решив да ги оставам вратите отворени за да можат луѓето по енергија да си дојдат тука каде што треба да бидат. За завршната вечер настапи Гадафи трио со македонска староградска и влашка музика, што беше многу интересно, игравме ора, беше многу забавно баш во еден градски дух, кој го има самиот град како магија“, рече Захарија Ангелеска, директорка на домот за култура во Крушево.
На Етно саемот беа изложени и лични предмети од познатиот македонски драмски писател, Васил Иљоски, кои за брзо време се планира да бидат поставени во неговата Спомен соба, која само ќе ги надополни музејскиите поставки во Крушево и ќе привлече уште повеќе туристи.
„Ние сакаме меѓу себе овој проект кој е наречен „Спомен соба Васил Иљоски“ да го викаме спомен соба на македонскиот шекспир, имајќи предвид дека Васил Иљоски е предвесник на драматургијата, на воспоставувањето на драмскиот македонски театар. Првата негова претстава на македонски јазик се извела далечната 1938 во Скопје во тогашниот Кралски театар, на кралството СХС. На 25 декември оваа година славиме 120 години од неговото раѓање и сите работи беа насочени натаму да ги обезбедиме овие негови лични предмети, да обезбедиме дел од неговите ракописи и сето тоа да го изложиме на очите на јавноста, пред се на младата популација, основци и средношколци кои се целна група“, рече Лефкија Гажовска, Здружение за туризам и угостителство.
Со сите овие активности Крушево станува препознатлива дестинација за 4 сезони.