Багески: Моето вработување како Соработник за правни работи во ЈКП „Водовод и канализација“ е максимално транспарентно

Откако беше прозван на денешната прес конференција на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во контекст на политизирање на неговото вработување во ЈКП Водовод и канализација – Прилеп, со своја реакција излезе поранешниот советник во Советот на Општина Прилеп, Никола Багески.

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

„ЈКП Водовод и канализација – Прилеп е јавно претпријатие со повеќе од 200 вработени чија основна дејност е водоснабдување, одведување и пречистување на урбани отпадни води. За неговото непречено функционирање од административен аспект, во делот на правото и правните работи, во последниве 10тина години, во ниеден момент не се грижеле повеќе од двајца високо образовани правници. Во периодот од 2014/15 год. (не ме држете за збор за конкретно прецизирање, можеби и пред наведениот период), па се до Декември 2019 год. Претпријатието работи со само еден високообразован правник кој ги покрива сите обврски од правен аспект за секојдневно, непречено функционирање на претпријатието (тужби кон правни, тужби кон физички лица, извршувања, работа од природата на човечките ресурси во претпријатието, следење на законската регулатива поврзана со природата на работата на претпријатието и тн.).

Од таа причина во Декември 2019 год. ЈКП Водовод и канализација – Прилеп распишува оглас за вработување на Соработник за правни работи, согласно одредбите од Законот за административни службеници (донесен во 2014 год., во време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, во кој се утврдени начинот и спроведувањето на постапка за вработување на административен службеник). Постапката, за која е надлежна и која согласно Законот ја води Агенцијата за администрација е максимално транспарентна и на увид на јавноста и на сите заинтересирани страни. Во таа постапка, би сакал да истакнам дека покрај мене, во трите со Законот утврдени фази на селекција имаше пријавено и други кандидати, а јас како кандидат во апсолутно сите фази на селекција (со критериумите на бодување предвидени во Законот, преку бодување од просекот на завршено формално образование, преку полагањето на стручниот испит и на крај интервјуто) бев прворангиран кандидат. Ова е транспарентно и секој кој е заинтересиран за истото може да го провери во архивата на Агенцијата за администрација и да се увери во горенаведеното.

Поради тоа, не гледам како нити тогашниот менаџмент на Претпријатието, нити било која друга инстанца на власта би можела евентуално да делувала во постапка која се водела согласно Закон, ја водела независна институција како Агенцијата за администрација и во сите фази на селекција преку пропишаните законски критериуми и норми јас сум бил најдобро рангиран кандидат.

Што се однесува до мојата тогашна општествена функцја како член на Советот на Општина Прилеп, би сакал да ве запознам со фактот дека веднаш после моето вработување на работното место Соработник за правни работи, јас, согласно одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, го известив Советот за моето вработување и од тој момент натаму, при гласање за точки каде предлагач беше Претпријатието или се однесуваа не неговата работа и функционирање јас, согласно Законот, се изземав од гласање.

Оттука, најостро го отфрлам и осудувам било какво ставање во политички контекст на моето вработување на местото Соработник за правни работи во ЈКП Водовод и канализација – Прилеп, а за мојата кадарност, стручност, посветеност, трудољубивост и ангажман, секогаш во насока на излегување во пресрет на барањата и потребите на граѓаните, а во делокругот и природата на мојата работа како вработен во претпријатието ќе оставам да оценат граѓаните, колегите, претпоставените…“, напиша на својот Фејсбук профил Багески.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи