ВИДЕО – Рецепт за живот од 100 години на баба Спасија: Да не се секираш, да не бериш гајле, рекол-кажал, не врзувај го во ум


Баба Спасија Белеска, од селото Крушеани, во Општина Кривогаштани пред неколку денови наполни 100 години. По тој повод решивме да отидеме кај неа, да и го честитаме роденденот и да си поразговараме за тоа како е да се живее цел еден век.

Добар ден.

Добар ден.

Како сте?

Добро. Како сте вие?

Добро, супер. Нека е среќен роденденот.

Фала, да си здрав и жив“, истакна баба Спасија Белеска.

Родена е на 25.04.1923 година во селото Свето Митрани. Во фамилијата биле 5 деца од кои денес само таа е жива. Се омажила 1943 с. Крушеани за Александар Белески со кого имаат 6 деца и од нив има 15 внуци. Две деца сега и живеат во Австралија. Поминала и војни, но и убави работи, за 100 години видела многу нешта.

Најтешко кога беше?

Најтешко колективот кога не фати, многу тешко.

Зошто тешко, што се случи тогаш?

Сите заедно, кој јади, кој пие, кој не, колектив. Нема како што сакаш ти да правиш. Три години држеше колективот“, додаде Белеска.

Живее сама и сите домашни работи може да ги извршува без помош. До пред 2 години работела дури и сама во бавчата.

Гости ти доаѓаат?

Ми дојдоа. Сега Атанасовден иди, повелете дојдете.

Славата ти е?

Славата.

Кој спрема јадење?

Јас сум домаќинка, кој ќе спрема.

Што им готвиш?

Што да готвиш, грав, манџа со месо ќе направиш“, кажа Белеска.

За лекар нема ни слушнато, а за лекови пак досега се имала напиено само апче ако ја заболи главата и тоа го кршела на половина, да не е многу.

Апџиња пиеш?

Пијам за глава само.

Друго ништо?

Не, ништо“, вели Белеска.

За тој кој е рецептот за да доживее 100 години вели:

Да не се секираш, да не бериш гајле. Рекол, кажал, не врзувај го во ум, оти да ми речи да се тапкам, што ќе се тапкам. Рекол, рекол…

Друго што ќе им порачаш на младите денес?

Да ги слушаат што ќе му речат, да појдат.

Да ги слушаат постарите?

Постарите да ги слушаат.

Колку денес младите ги слушаат постарите?

Која како, некоја полута, некоја помека“, истакна Белеска.

Семејството е гордо што ја имаат за мајка и баба Спасија Белеска.

Вака се чувствувам прегорда што мајка ми е 100 години и сум задоволна многу од вака што имам мајка во животот, уште се чувствувам да сум млада, ако сум пензионер“, изјави Ристана Мицеска, ќерка на баба Спасија Белеска.

 

Околу зимата е за неа потешко, палиме оган и тие работи, инаку од пролет до есен нема никаква мака. Ние сме горди што имаме таква баба“, кажа Оливер Белески, внук на баба Спасија Белеска.

 

„Пријатно и да ми останите во добро здравје.

Со здравје и со добро.

Па да се видиме и за наредниот роденден наредната година.

Фала, да си здрав и жив.

Пријатно.

Пријатно“, не испрати баба Спасија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи