ВИДЕО – Мицкоски: Владата ги стопира општинските обврзници, меѓу нив и онаа на Прилеп, за сметка на граѓанската обврзница


Тоа беше проект кој беше навистина креативен и иновативен и кој го започнаа општините каде што имаме градоначалници од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата и неколку општини, меѓу кои ако не се лажам и тука во Прилеп тој процес е почнат и завршен и веќе се во одредена фаза на позитивни мислења од страна на институциите. Кога тоа го виде Владата, ги закочи, не дозволи тој процес да оди понатаму и покрај тоа што добија позитивни мислења од сите институции и одлучи да даде граѓански обврзници, рече денеска во Прилеп Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Внимавајте сега што направија, најпрво објавија 50 милиони евра граѓанска обврзница, за да потоа видат дека нема да има интерес за 50 милиони, па ја намалија на 10. Се реализираа нешто повеќе од 20 милиони и сега излегуваат со фалење дека се натминала 2 пати сумата која тие ја побарувале, а во суштина најавија 50 милиони евра.

Значи тие го ископираа тоа што општините претходно го најавија, но и тоа е во ред ако тие пари бидат искористени за реализација на капитални инвестиции. Но нема да биде така, тие пари ќе бидат украдени од страна на овие кланови за кои претходно зборував.

За разлика од нив, општинските обврзници се закочени и Владата за жал повторно ќе кажам дека за некој е мајка, а за некој не е, односно во општините каде што имаме градоначалници од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата нема да има можност овие општински обврзници да бидат реализирани, а со тоа и динамиката на реализација на проектите ќе биде намалена. Но затоа, идната влада на ВМРО ДПМНЕ за неколку месеци од денес планира сериозен инвестициски циклус и реалоцирање на 250 милиони евра од централниот буџет за реализација на капитални инвестиции на локално ниво.
Овде во Прилеп ќе бидат реалоцирани од 8 до 8 и половина милиони евра годишно, или некаде помеѓу 32 и 35 милиони евра за еден четиригодишен мандат и мислам дека на тој начин ќе направиме еден горд и достоинствен град, онаков каков Прилеп заслужува да биде и онаков каков што Прилеп всушност е“, кажа Мицкоски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи