Претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека е можно по завршувањето на 10-те дена за дебата за уставните измени закажана за 18 август, по исцрпување на листата на говорници гласањето да биде одложено доколку нема потребно мнозинство за одлучување.
„Прво, за 18-ти е закажана седницата за да почне расправата на пленарната седница по однос на иницијативата за уставни измени и таа во принцип трае не подолго од десет работни дена. Тоа е процедурата и тоа се роковите по коишто се раководиме. Чинот на гласање не е врзан за денот последен, така што, за да се има јасност по однос на постапки. Тоа го предвидува и Деловникот, тоа го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени затоа што Собранието одлучува доколку има потребно мнозинство за одлучување. Така што, до тие рамки не можам да претпоставам што ќе се случува и како ќе се случува. Во тој контекст формално Собранието ќе почне со работа на 18-ти, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено тоа зависи од конкретната состојба на тековните денови“, рече Џафери.
На брифингот со новинарите Џафери исто така појасни дека нема краен рок за гласање по предлогот, но предупреди дека крајниот рок за завршување на постапката за носење на уставните измени е ноември.
Процедурата за уставни измени почна изминатите денови, откако собраниската Комисија за уставни прашања со 10 гласа „за“ и седум „против“ го поддржа предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот.