Општина Кривогаштани го организираше првиот „Фестивал на пиперката“ на кој што на 20-тина штандови, производители на пиперки и производи од пиперки, од оваа општина, ги промовираа своите производи.
Од Општината потенцираат дека производството на пиперките е значајна економска гранка за овие населени места и токму затоа се одлучиле на еден ваков чекор за промоција на капијата која што е позната не само во Македонија туку и пошироко. Извозно преработувачките капацитети истакнаа дека извезуваат производи од пиперки во скоро сите земји од светот, а производството секоја година се зголемувалo се повеќе. На настанот присуствуваше и градоначалникот Иван Богдановиќ, од општина Лебане, Србија.
Земјоделците пак велат дека кривогаштанската капија е уникатен земјоделски бренд кој го нема во другите региони и ајварот произведен од неа е највкусен, токму затоа била и најбаран. Со производството на ајварот се запознаа и најмладите од градинката „Весело Штркче“ кои се едуцираа за производството на пиперките од семе, па се се тегла ајвар.
За сите присутни имаше и одлична музичко-забавна програма на која настапија, локални изведувачи Рубин Благадуша и Кико и Тикса Бенд, потоа Елена Велеска, Андријана Јаневска, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, Драган Темелковски Џони, а свое спектакуларно ДЈ шоу изведоа ДЈ Љубиша и РобиЛеј ЛедРобот.