Денес зборуваме за една од најважните теми во нашата држава, земјоделството и руралниот развој и тоа не е случајно, затоа што споредбено со земјите од регионот, па и во голем дел од земјите во ЕУ, земјоделството кај нас придонесува со над 10% во БДП, истакна Марина Тошеска, од ЛАГ АГРО ЛИДЕР на вечерашната трибина во Прилеп, „Ние сме Европа“.
„Како држава сме се соочувале, се соочуваме и понатаму ќе се соочуваме со бројни предизвици за одржливо земјоделство и рурален развој, но неоспорлив факт е дека ЕУ донесе придобивки за земјоделците, донесе придобивки за руралните области, донесе придобивки за агро бизнисите, а со тоа и придобивки за сите нас граѓаните.
Со овозможувањето пристап до инструментот за претпристапна помош уште во 2005 година, веќе се создадоа можности да можеме да развиваме поконкурентно земјоделство и да го подобриме животот на земјоделците. Од 2007 година со почетокот на ИПАРД 1, па периодот на ИПАРД 2 до ден денес, иако се соочивме со сериозни предизвици, забележуваме бројни резултати и значајни достигнувања. Министерот веќе ги сподели бројките, меѓутоа јас сакам да зборувам од една поинаква перспектива. Успешни приказни можеме да видеме насекаде околу нас, модернизацијата на производството ја намали трудоинтензивноста во овој сектор и го олесни производството и работата на нашите земјоделци, и во делот на предбербени, бербени и постбербени активности, во делот на сточарско производство каде имам забележување на подобрување на квантитетот и квалитетот на сточарските производи, па се до органското произодство каде иако малку со предизвици, сепак забележуваме тренд и придобивки во овој сектор.
Со поддршката на европските фондови и со сите мерки кои до ден денес преку ИПАРД програмите се реализирани, можеме да се пофалиме, а најмногу за тоа можат да зборуваат приказните на нашите земјоделци. Со 130.000 регистрирани земјоделски стопанства мора да признаеме дека определба и приоритет на нашата држава треба да е земјоделското производство. Со поддршка на ЕУ и во делот на советодавни услуги, и во делот на финансиска поддршка на земјоделските стопанства, вистина обезбедивме осовременување на земјоделското производство, не само кај примарното производство и кај земјоделците, туку и во агро секторот, каде бројни бизниси овозможија да го осовременат производството и нивните производи и деликатеси веќе да се најдат на рафтовите во европските и меѓународните пазари и со тоа да бидат обележје за нашата држава.
Европските фондови за поддршка на земјоделството и руралниот развој ни се достапни, континуираната финансиска поддршка од ЕУ ни е достапна, но сепак нешто друго ни недостасува. Потребно ни е да креираме поефективен систем каде земјоделците ќе можат да пристапат полесно до фондовите, олеснување на процедурите и навистина да се обезбеди советодавна служба на терен, што мислам дека можеме да го достигнеме со поддршка на ЕУ. Време е за ефективен и добро координиран одговор на институциите на држава при креирањето и на соодветната земјоделска политика и приспособувањето на законската регулатива со европското законодавство, како и реформи во јавните институции. Овде бараме и вклучување на сите засегнати страни, без разлика на политичка определба, кои се од областа на земјоделството и руралниот развој, за навистина да се креираат и спроведат иницијативи кои ефективно и ефикасно ќе придонесат за зголемување на стандардот на земјоделските стопанства, да се подобри конкурентноста на агро секторот, да се обезбеди ревитализација на руралните области и да градиме држава каде секој од нас, па и земјоделците ќе имаат еднаков пристап до ресурси, еднаков пристап до можност и еднаков пристап до придобивки. Ова нема да го постигнеме без поддршка на ЕУ, затоа што за зголемување на стандардот и воведување на сите стандарди во земјоделското производство потребна ни е добра примена на европските практики со нивна советодавна и финансиска поддршка.
Би завршила дека во делот на земјоделство и рурален развој изодивме долг пат, меѓутоа се уште имаме уште многу чекори кои треба да ги изодиме, се надевам со поддршка на ЕУ и со наша заедничка соработка ќе дадеме голем придонес за навистина да имаме современо, модерно земјоделство, подобар животен стандард на земјоделците и подобар живот за сите нас“, истакна Тошеска.